Јубилејниот „Локум фест“ со ексклузивна програма ќе се одржи во Битола

Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ во своето јубилејно 15-то издание ќе се одржи од 22 до 24 јули во Битола.

„Локум фест“ е фестивал кој започна пред декада и пол (2007) во Старата битолска чаршија. Името на фестивалот е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречека комшијата, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба помеѓу културите. Всушност, една од главните функции на Фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, fusion, world music) да се покаже сиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.

Во изминатите четиринаесет години на „Локум фест“ настапиле преку седумдесет групи и ансамбли, како од Македонија, така и од дваесетина земји од регионот, Европа и светот, како Египет, Индија, Кина, Норвешка, Данска, Шпанија, Јапонија, Шведска, Исланд, Унгарија, Полска, Германија, Хрватска, Словенија, Србија, Албанија, Турција, Бугарија, Бразил, итн. Од македонските учесници ги паметиме настапите на групите „Љубојна“, „Баклава“, „Чалгија саунд систем“, Тони Китановски и „Черкези“, Кочани оркестар, „Сваровски бенд“, Јаков Дренковски, Виолета Томовска, Зоран Џорлев, Вања Лазарова и многу други. „Локум фест“ е единствениот фестивал кој активно презентира сефардска музика како дел од културното историското минато на Битола, или Монастир.

Покрај музичкиот дел, на фестивалот во соработка со ЗУР „Македонски ракотворби“ веќе петнаесетта година се одржува „Саем на ракотворби“ мотивирани од народната традиција, сегмент кој му дава колорит и дух.

Кулурното наследство како потенцијален туристички мотив фестивалот го потенцира низ промотивните материјали, но и преку изложбата „Раскажи ја својата приказна“, или со изложба на семејни раритети од конзулскиот период кои граѓаните ги имаат во своите домови. На тој начин се гради активен однос кон колективното културно наследство и партиципативноста на граѓаните.

Посебен акцент оваа година е ставен на соработката со Државниот архив – одделение Битола, благодарејќи на која ќе има единствена можност да биде претставен еден особен раритет, популарно наречен „Грамофонот на Манаки“, кој ќе биде изложен заедно со автентични фотографии од боемскиот живот и чалгии од минатиот век.

Јубилејната програмата е богата и ексклузивна и го навестува идниот курс на фестивалот. Фестивалот ќе го отвори Влатко Стефановски трио со концерт на Хераклеја (22.07), на 23 јули во Пацио – НУ Завод и Музеј ќе настапат Драган Даутовски со неговиот син Ратко Даутовски со концертна промоција на албумот „Apocalypticum“, додека на третата вечер (24.07) ќе настапи легендарниот ансамбл КУД „Илинден“ со „Приказни од чаршијата“.

Фестивалот е финансиран од Министерство за култура на РСМ и помогнат од Општина Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот