Јубилејна изложба на ДЛУМ ќе биде отворена во Чифте амам и Мала станица

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) одбележува голем и значаен јубилеј – 75 години од основањето и постоењето на Друштвото.

По тој повод на 1 декември во два објекта на Националната галерија, Чифте амам и Мала станица, ќе биде отворена голема јубилејна изложба на членови на ДЛУМ од неговото основање до денес.

На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, потоа средната генерација истакнати ликовни автори, сѐ до новата генерација, која ја претставува иднината на ДЛУМ.

Планирано е изложбата да ја отвори покровителот на јубилејот, претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, а на отворањето ќе се обратат и министерката за култура, Ирена Стефоска, директорката на НГМ, Дита Старова Ќерими, и претседателот на Уметнички совет на ДЛУМ, Дијана Томиќ Радевска, која го напиша и воведниот текст во каталогот за јубилејната изложба. Изложбата се реализира во соработка со Националната галерија и во двата објекти ќе може да се посети од 1 до 12 декември оваа година.

Како своевидна најава на јубилејната изложба, под покровителство на Град Скопје во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ, од 12 до 22 ноември ДЛУМ ја реализираше изложбата „Нови енергии“. Станува збор за програма со новонасловена изложба, која е посветена на младата генерација членови на друштвото и на која беше доделена наградата „Нови енергии“ на Ана Трајковска за делото со наслов „Vicarious“.

Изложба „Нови енергии“ во Уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ

– Во последните три години во ДЛУМ се зачленија повеќе уметници, штотуку дипломирани на ФЛУ, како и од други уметнички факултети. Сметаме дека нив треба да им се даде шанса ликовната сцена со изложбени активности да ја прошират со својот иновативен пристап. Пропозициите што се дадени го негуваат новиот истражувачки потенцијал и примената на мултидисциплинарност и интермедијалност. Во современите текови на аналитичката уметност младите имаат идеи и теми за кои треба да добијат шанса за презентација и изложување. Така ќе ја отвориме можноста за откривање нови таленти, сериозно посветени млади уметници, а оваа изложба ќе биде и нивна отскочна штица за остварување на слободата на изразот – истакнаа од ДЛУМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот