Јубилејна изложба на ДЛУМ: Целта на уметноста е да остави трага во постоењето

Друштвото на ликовни уметници на Македонија одбележува значаен јубилеј – 75 години од основањето на ДЛУМ, со голема изложба поставена во два објекта на Националната галерија, Чифте амам и Мала станица.

Отворањето на јубилејната изложба на ДЛУМ се одржа на 1 декември во Чифте амам. На отворањето се обратија претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, кој е покровител на одбележувањето на јубилејот, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, претседателот на Уметничкиот совет на ДЛУМ, Дијана Томиќ Радевска, која го напиша и воведниот текст во каталогот, а беше прочитано и обраќање на Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ. Ден подоцна беше отворена и изложбата во Мала станица.

На јубилејната изложба е претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ сѐ до новата генерација, која ја претставува иднината на ДЛУМ.

Како покровител на јубилејната изложба „75 години ДЛУМ“, претседателот Пендаровски нагласи дека секој континуитет кој остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Авангардата на македонската ликовна уметност е револуционерна за времињата кога се формира ДЛУМ, но, актуелна е за денешните, а ќе биде и за сите идни генерации.

– Во времиња кога брзината е поважна од вредноста, кога нашето внимание го преокупираат инстантни „твитови“ и фејсбук-објави, секој континуитет што остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност. Токму затоа, Друштвото на ликовните уметници на Македонија, има вонредно значење, имајќи ги предвид сите децениски искушенија во кои настанува, се развива и опстојува до ден-денешен. Станува збор за една од најзначајните струкови уметнички и културни заедници, која ги одразува тековите не само во ликовната уметност, туку, генерално, во современото македонско уметничко творештво – истакна Пендаровски.

Стево Пендаровски – Секој континуитет што остава развојни траги во нашата културна историја има непроценлива важност

Министерката за култура Ирена Стефоска во своето обраќање посочи дека „уметноста низ вековите создавала свои правила“ и додаде: „Постои една универзална врска за сите времиња. Тоа е нејзината убедливост. Нејзината тајна да ја победува минливоста на времето. Целта на уметноста е да остави трага во постоењето, во времето, во културата на една земја. Јубилејната изложба на ДЛУМ е билет со кој се влегува во вечното паметење на луѓето. Празник за земјава.

Ирена Стефоска – Јубилејната изложба на ДЛУМ е билет со кој се влегува во вечното паметење на луѓето

Основањето на ДЛУМ е кулминација на долгогодишната желба за создавање на институција што ќе се стреми за подобрување на статусот на уметниците, за влијание врз пошироката културна средина, подигнување на интересот на публиката и менувањето на нејзините навики. Со оваа изложба за миг се потсетуваме на тековите и развојот на македонската уметничка (ликовна) сцена… Не можам, а да не спомнам, дека исклучителните индивидуални авторитети од ДЛУМ, во минатото носеа креативна и критичка дебата што беше движечка сила за целото општество. Таквото време недостасува денес. ДЛУМ имаше падови и свои врвови, и има многу проблеми кои ги донесе новото време“, истакна Стефоска, која на крајот рече дека ќе се вложат напори да се реши проблемот што ДЛУМ го има со просторот за работа на Друштвото.

– Во времето што доаѓа, продолжуваме да се бориме за уште многу неразрешени прашања, за галериски простор, простори за работа – ателјеа, а уметниците се борат за својот статус и опстанок. Се надеваме дека некои од прашањата ќе ги решиме на задоволство на сите нас. Резултатите што ќе ги постигнеме нека бидат поттик за подобра иднина – заклучи Дијана Томиќ Радевска, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.

Претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски, потсети дека големото значење на ДЛУМ за македонската ликовна уметност и култура е видливо, јасно и докажано, а тоа го покажува и големината на јубилејната изложба, која се реализира во соработка со Националната галерија и во двата објекта ќе може да се посети од 1 до 12 декември оваа година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот