Јубилејна изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“: Творештво базирано на немирната истражувачка природа

Во Националната галерија, во објектот Чифте амам, од 4 до 30 март е поставена јубилејната изложба „Иван Велков, 90 години од раѓањето“, на која се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Иван Велков.

Еминентниот македонски сликар и универзитетски професор Иван Велков (22.4.1930, Врање – 26.5.2008, Скопје), одиграл особено значајна улога за развојот на македонското сликарство во 60-тите години на минатиот век. Тој се вбројува во рангот на најзначајните македонски автори поради фактот што со своето творештво внесе сопствени иновации, но и дел од движењата од светската ликовна сцена кај нас.

Отворање на изложбата „Иван Велков, 90 години од раѓањето“ на 4 март во Чифте амам / Фотографија: Денис Јагџи

„Иван Велков ѝ припаѓа на повоената генерација уметници активни од шестата деценија, која најчесто историчарите на уметноста ја дефинираат како – период на обнова. По згаснувањето на соцреализмот и постарата, веќе формирана генерација, се појавува новата генерација млади уметници подготвени за експериментирање со сликата и пренесување на новите појави и иновации од опкружувањето и светот кои се залагаат за нови креативни изрази. Во историјата на македонската ликовна сцена Велков се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција. По завршувањето на Ликовната академија во Белград, и по првичните експресионистички ликовни изрази, во периодот 1953-1955 година, Велков од 1956 година ги истражува новите простори на сликата со геометриски израз, односно кон сферите на (пост)кубизмот, апстракцијата, надреализмот“, забележано е во каталогот за јубилејната изложба.

Иван Велков – Пролет (1959)

Во историјата на македонската ликовна уметност е забележано и дека Велков заедно со својот колега и пријател Петар Мазев биле иницијатори за формирање на познатата ликовна група „Мугри“, во која членувале и Богољуб Ивковиќ, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Спасе Куновски, Ристо Лозаноски и повремено Томо Шијак.

На изложбата се претставени 90-ина дела од сите творечки фази на Иван Велков – Полиптих (1975)

– Значењето на Иван Велков за македонската историја на уметност го согледуваме во неговата немирна истражувачка природа и желба за внесување на новитети во сликарството и подигањето на ликовната уметност на ново, современо рамниште во клучната шеста деценија во развојот на современата македонска уметност. Неговото карактеристично творештво се издвојува со повеќеслојноста во истражувањата на ликовните (па и техничките) можности на сликата, начинот на дисциплинирано и хармонично градење на композицијата од мноштво нови елементи, новитети за дотогашната уметност кај нас, но и внесување на стилизирани традиционални етнолошки елементи преку своевидно „ткаење“ на површината на сликата – истакнуваат авторките на изложбата и текстот во каталогот, Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, виши кустоси во Националната галерија.

Иван Велков – Дијагонала на изгревот (1971)

Изложените дела од Иван Велков се дел од колекциите на Националната галерија, Музејот на современата уметност – Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, семејството Велкови, како и на голем дел приватни сопственици.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот