Јубилејна 250-та изведба: Претставата „Црвенкапа“ веќе дваесет години е на сцената на Театарот за деца и младинци

Театарот за деца и младинци – Скопје, како единствена професионална институција за детска театарска продукција на претстави на македонски јазик, на 20 јануари одбележа уште еден значаен јубилеј. Станува збор за 250. изведба на култната претстава „Црвенкапа“, која веќе 20-ина години е една од најбараните на детскиот репертоар.

Премиерната изведба на претставата „Црвенкапа“ се случи на 7.12.2001 година. Автор на драматизацијата е Александар Поповиќ, кој создаде уникатна верзија на познатата бајка од Шарл Перо, а режијата е на Димитар Христов. Цели 20 години претставата „Црвенкапа“ едуцира, забавува и поучува илјадници дечиња и денес истата продолжува да ги радува детските срца и да ја пренесува пораката за победата на доброто, чесноста, искреноста и пожртвуваноста, истакнуваат од Театарот за деца и младинци.

Од почетоците до денес, актерката Ана Левајковиќ-Бошков се појавува како единствената Црвенкапа, која неуморно и со посебен актерски сензибилитет ја толкува истоимената улога. Заедно со неа, од почетоците до денес публиката има можност да ги гледа брилијантните улоги на Владимир Лазовски, кој го толкува забавниот Волк, и Драган Довлев, во улогата на Ловецот.

Во другите улоги низ годините се појавија повеќемина актери. На пример, улогата на Иванка, другарката на Црвенкапа, во првите години ја толкуваше Олгица Христовска, а денес таа е во изведба на Винета Дамческа-Мојаноска. Актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска во првите години на животот на претставата ја толкуваше улогата на Мајката на Црвенкапа, а денес таа улога ја толкува Катарина Илиевска-Силјановска. Свој голем придонес во претставата имаше и Катерина Крстевска, која долги години го толкуваше ликот на Бабата, а денес таа чест ја има Марија Ѓорѓијовска.

Покрај нив во претставата периодично играле и Изабела Новoтни, Благој Чорески, Жаклина Стевковска и Благица Трпковска. На претставата работеа и Иван Ивановски, кој го направи преводот на текстот од српски јазик, заедно со посебните сонгови што се користат во неа. Сценографијата е на Живоин Трајановиќ, а костимите ги работеше Лира Грабул. Автор на музиката е Љупчо Мирковски, а кореограф е Сања Шутевска. Низ годините како инспициент на претставата беше Ѓурко Стојановски, а сега е во рацете на Ѓуро Дракулоски, посочија од Театарот за деца и младинци – Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 113, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот