Јубилеј во Србија: Две децении од демонстрациите против Слободан Милошевиќ во Белград

Фото: acrossthepond.ideasoneurope.eu

Денеска се навршуваат 20 години од големите демонстрации во Белград со кои на 5 октомври во 2000 година заврши владеењето на Слободан Милошевиќ. Најави за официјално одбележување на јубилејот од политичките партии кои учествуваа во демонстрациите нема, освен дека за првпат ќе биде одбележан во Ниш каде ќе се одржи трибина на таа тема.

На денешен ден, пред точно 20 години во Белград се случија демонстрации, откако претседателот на тогашна Сојузна Република Југославија, Слободан Милошевиќ одби да ги признае резултатите од претседателските избори на 24 септември на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија и лидер на Демократската партија, Воислав Коштуница.

Демонстрантите, на 5 октомври на платото пред Собранието на СРЈ, пристигнаа од сите краишта на Србија во километарски колони со автомобили, автобуси и камиони, а на поедини делови ги пробиваа полициските блокади со булдожери.

Полицијата во попладневните часови употреби солзавец со цел да ги спречи демонстрантите да влезат во Собранието, но безуспешно. Зградата на сојузното Собрание беше демолирана и запалена, како и зградата на РТС. Набрзо потоа, полициските сили престанаа со отпорот и, речиси, се придружија на демонстрантите.

Во вечерните часови на 5 октомври во 2000 година, граѓаните од терасата на Собранието ги поздрави новиот претседател на СРЈ, Воислав Коштуница, а наредниот ден Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честита.

За време на демонстрациите загина Јасмина Милошевиќ од Милошевац кај Велика Плана која заврши под тркала на камион, Момчило Стакиќ од Крупањ почина од срцев удар, а вкупно беа повредени 65 лица.

Дваесет години подоцна, Воислав Коштуница е во политичка пензија, а учесници во власта на Милошевиќ повторно ги заземаа најважните позиции во земјата. Тогашниот министер за информации, Александар Вучиќ е актуелен претседател на државата, потпретседателката на тогашното Собрание, Маја Гојковиќ до неодамна беше претседателка на законодавниот дом, поранешниот истакнат член на ЈУЛ, Александар Вулин денеска е на функцијата министер за одбрана, а портпаролот на Социјалистичката партија, Ивица Дачиќ е министер за надворешни работи.

Во меѓувреме, кон нив од долните ешалони на власта се приклучија и некои истакнати поединци на партиите кои во 2000 година ја сочинуваа ДОС.

Додека Коштуница самиот се повлече од политиката, вториот лидер на ДОС, реформист и визионер, Зоран Ѓинѓиќ, како премиер на Србија, беше убиен на 12 март во 2003 година во дворот на зграда на Владата што ја предводеше од длабоки промени во политиката и економијата и најавените промени во општеството.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затворот во Хаг каде беше притворен за судење на воени злосторства додека неговата сопруга и поранешна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ почина во егзил во Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот