Јубилеен 15. Виз Ер Скопски маратон

На нешто помалку од еден месец пред почетокот на Виз Ер Скопски маратон денеска организаторите на трката одржаа прес-конференција преку која порачаа дека најголемиот спортски спектакл ќе го исполни Скопје со позитивна енергија.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар истакна дека ЕУ ќе продолжи со поддршка на вакви настани сѐ со цел да се промовира здравиот начин на живот и заштитата на животната средина.

– Ќе имаме неколку настани во мај, но Виз Ер Скопскиот маратон на 4 мај е многу значаен. Новина имаме во штафетниот маратон со наслов ‘ЕУ за спорт’. Тој вклучува четворица тркачи каде двајца од нив трчаат девет километри, а останатите 12 километри, и спојот на сите е еден цел маратон. Можам да споделам дека и јас ќе трчам на штафетата, заедно со моите 3 деца, така што ќе ме видите таму – рече Жбогар.

Минатата година околу 10.000 луѓе излегоа на патеката на Виз Ер Скопски маратон во Скопје. Посветеноста на организаторите и поддршката од страна на Агенцијата за млади и спорт, Градот Скопје и Делегацијата на Европската Унија, придонесе Скопскиот маратон да прерасне во настан кој го промовира нашиот град и нашата држава.

– Можам да ветам константна поддршка за овој настан и во иднина од страна на Агенцијата за млади и спорт, од причина што ние сме секогаш тука да дадеме максимална поддршка на настаните кои се во интерес на развој на спортот и промоција на здравиот начин на живот – изјави Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт.

Маратонот на 4 мај ќе биде јубилеен, 15-ти.

– Иако ова е нашиот 15-ти јубилеј, ние секоја година се трудиме сѐ повеќе и повеќе да внесуваме новости. Честиот развој ни дозволува да останеме релевантни во регионот и пошироко. Затоа толку голем број на лица од други држави се пријавуваат. Но, тоа ни дава уште една одговорност, а тоа е да вратиме на општеството и заедницата. За да го оствариме тоа оваа година се одлучивме да започнеме партнерство со „GivenGain.com” каде секој заинтересиран може да донира за три организации и тоа СОС Детско село, Момент плус или Проект среќа – соопшти Кире Синадиновски, директорот на Виз Ер Скопски маратон.

Во склоп на Виз Ер Скопски маратон се одржуваат неколку трки и тоа трката од 5 километри, полумаратонот, маратонот и штафетниот маратон. Пријавувањето за учество завршува на 22 април 2019.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот