ЈП „Лајка“: Тенденциозно се креира негативен ПР за претпријатието на штета на бездомните животни

ЈП Лајка / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Јавното претпријатие за благосостојба на бездомни животни „Лајка“ реагира и ги отфрла обвинувањата од група граѓани по објавувањето на информацијата од страна на надлежните од Општина Гази Баба дека во КПИ „Идризово“ ќе се гради дополнителен капацитет на прифатилиштето, кое што е претставено како обид за затворање и мачење на бездомните кучиња, соопштија од ЈП „Лајка“.

Од таму потенцираат дека ваквото вадење од контекст е само на штета на бездомните животни и во корист на тенденциозно креирање на негативен ПР за претпријатието кое работи согласно закон.

– Би сакале да ја информираме јавноста дека станува збор за предлог-проект, со идеја да се обезбеди дополнително нов капацитет на одделот за вдомување на кучиња. Со оглед на тоа што сме единствено прифатилиште во Скопје, капацитетот на Лајка е недоволен да згрижи поголем број на бездомни кучиња. Па така, со реализација на овој проект, очекуваме здравите единки за кои се потрошени средства и кои се подготвени за дом, да можат да бидат згрижени и безбедни додека им се бара дом, информираат од ЈП „Лајка“.

Од ЈП претпријатие посочуваат дека кучињата кои имаат непредвидливо однесување за околината, кои се жртви на мачење и борби, со видлив хендикеп, кои се од голем раст и предизвикуваат страв кај населението, кои имаат купирани уши и нема можност да се обележат со ушна маркица, како и оние кои имале сопственик и биле напуштени, а не би се снашле на улица по третманот, ќе бидат неограничено згрижени во новиот дополнителен капацитет.

Во моментов како што истакна од „Лајка“ се соочуваат со сериозна бројка од горенаведените категории на бездомни кучиња, кај кои процесот за вдомување оди навистина бавно, па затоа ова претставува идеално решение согласно стандардите за благосостојба.

Видео на денот