ЈП „Лајка“: Го намаливме бројот на бездомни кучиња, на терен излегуваме со пополнета пријава

Стационар за бездомни кучиња „Лајка“. / Фото: Слободен печат

Досега  со помош на ова јавно претпријатие, вдомени се повеќе од 150 кучиња во земјава и во странство.

Големиот број бездомни кучиња што секојдневно можат да се забележат речиси низ сите скопски населби како и нивното групирање, честопати претставува мотив граѓаните да реагираат до надлежните институции за тие навремено да реагираат и да ги заловат. Скопјани, честопати реагираат и до ЈП „Лајка“, кое е задолжено за овие животни, каде што пријавуваат повредено куче што го забележале на конкретна локација, бездомно куче кое сѐ уште нема ушна маркица, но и доколку се нападнати од бездомно куче.

Токму поради вака зачестените пријави, а се со цел навремено да бидат информирани за сите настанати ситуации на терен, од ЈП „Лајка“ деновиве излегоа со информација до граѓаните дека, поради нефункционалност на електронската пошта на ЈП „Лајка“, граѓаните што сакаат да пријават повредено куче, напад од куче, бездомно куче без ушна маркичка, глутница кучиња и слично, можат да го направат тоа на [email protected].

-Пријавите без фотографија (не видео), точна локација и општина, име, презиме и контакт телефон од пријавителот ќе бидат сметани за некомплетни и по нив нема да се постапува. Дополнително пријавите за каснување нема да бидат валидни доколку не се приложи доказ за каснување – извештај од специјалист (со потпис и печат) не подоцна од 24 часа од каснувањето во пријавата на имејл – велат од ова јавно претпријатие.

Целта на „Лајка“ е да го намали бројот на бездомни кучиња на улиците на градот, користејќи хумани методи, подигнување на свеста за одговорното сопствеништво, но и да ги поттикне граѓаните да ги регистрираат, стерилизираат и вакцинираат своите домашни миленици. Кучињата што се заловуваат се од различни локации од територијата на Скопје.

-Бројката на заловени кучиња постојано варира бидејќи стручни сертифицирани тимови на заловувачи на ЈП „Лајка“ активно постапуваат по поднесените пријави и жалби на граѓаните. Сите згрижени кучиња во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ подлежат на хуман третман, кој вклучува: крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија по единствена акредитирана метода (кој е задолжителен според годишната наредба на Агенцијата за храна и ветеринарство), терапија против внатрешни и надворешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување со ушна маркичка – ја објаснуваат постапката за третирање на заловените животни од јавното претпријатие.

Од почетокот на работењето на ЈП „Лајка“, па до денес, како што информираат оттаму, постојано работат на изнаоѓање дом за заловените и третирани кучиња за да бидат згрижени од вистински љубители на животни наместо повторно да се вратат на улица.

Интересно е да се напомене и дека пред неколку денови хумани граѓани во Германија, Белгија и од Шведска вдомија кучиња што претходо живееја на скопските улици и на јавни површини.

Досега „Лајка“ има вдомено повеќе од 150 кучиња во земјава и во странство.

– По успешната кампања на јавното претпријатие за вдомување бездомни кучиња во нашата земја, мисијата продолжи во САД, а сега веќе и низ Европа. Бројот на бездомни кучиња на улиците и трендот на напуштање миленици се трудиме да го претвориме во тренд на вдомување и одговорно сопствеништво — потенцираа тогаш од ЈП „Лајка“.

Од претпријатието нагласуваат дека миленикот треба да биде член на семејството, како и дека чувањето куче претставува сериозна одговорност. Затоа, само оние што се навистина подготвени да се посветат на чувањето миленик, може да се најдат на нивниот список на вдомувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот