ЈП „Лајка“: Доколку сте се одлучиле да чувате куче, грижете се за него соодветно

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Да се биде сопственик на куче не е само привилегија туку и одговорност, велат од ЈП „Лајка“, кои во рамките на одбележувањето на септември како месец посветен на подигнување на свеста за одговорно сопствеништво кон кучињата како домашни миленици, апелираат до луѓето што се одлучиле да имаат куче миленик, за него да се грижат соодветно и да се обидат да му ги овозможат сите потребни услови за здрав и нормален живот.

Според надлежните од ова јавно претпријатие, една од најзначајните работи е на миленичето да му биде обезбедена соодветна здравствена заштита.

– Да се биде сопственик на куче не е само привилегија туку и одговорност. Затоа, советуваме да му обезбедите редовни прегледи на ветеринар на вашиот домашен миленик, потоа редовна вакцинација против заразни болести и беснило, редовно прочистување против внатрешни и надворешни паразити – советуваат од ЈП „Лајка“.

Оттаму велат дека, за да биде здраво едно домашно милениче, потребно е сопствениците да се грижат и околу одржувањето на здравата телесна тежина, со тоа што миленичето ќе биде хрането со соодветна храна и редовно ќе му се дава свежа и чиста вода.

Од ЈП „Лајка“апелираат до сопствениците да си ја исполнат и законската обврска за идентификација и микрочипирање на кучето.

Во рамите на одбележувањето на септември како месец посветен на подигнување на свеста за одговорно сопствеништво кон кучињата како домашни миленици, надлежните ги советуваат сите љубители на животните да обезбедат соодветно место за живеење, независно од тоа дали ќе биде во внатрешни или во надворешни услови, со цел заштита на миленичето при ниски или високи температури.

– Физички активно куче е здраво и среќно куче и затоа советуваме за редовни прошетки, потоа и социјализацијата на животното е исклучително важна, за што се препорачува на кучето да му биде обезбеден редовен контакт со луѓе и со други миленици – велат од ЈП „Лајка“.

Оттаму ја нагласуваат и потребата за одржување хигиена кај миленичињата односно за редовно бањање, чешлање и посета на грумер.

– Стерилизацијата и кастрацијата со цел превенција од зголемување на популацијата на бездомни кучиња, исто така е многу важна – заклучуваат од ова јавно претпријатие.

Инаку, токму поради несоодветното сопствеништво или поради немањето желба за да продолжат да се грижат за миленичето, но и како последица на размножувањето на уличните кучиња поради ненавремената стерилизација на животните, низ улиците на Скопје во моментов „талкаат“ стотици кучиња.

Од ЈП „Лајка“ велат дека  нивна задача е да го намалат бројот на бездомни кучиња на улиците на градот Скопје, користејќи хумани методи, подигнување на свеста за одговорното сопствеништво  како и да ги поттикне граѓаните да ги регистрираат, да ги стерилизираат и да ги вакцинираат своите домашни миленици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот