Јовиќ: Идната сезона цел на Еурофарм Пелистер ќе биде двојната круна

Фото „фејсбук“ Еурофарм Пелистер

Според кормиларот на шампионот, битолчани ги поставиле целите што ќе ги „бркаат“ идната сезона на домашната сцена и во Лигата на шампионите, а за тие да се остварат, клубот планира значителни засилувања од странство

Александар Јовиќ беше прогласен за тренер на сезоната во изборот на ол-стар тим организран од медиумот „24 Ракомет“ и со добра причина. Го презеде првиот тим на Еурофарм Пелистер во втората половина на сезоната заедно со тим-менаџерот Звонко Шундовски и го доведе до титулата во домашното првенство, прва ваква титула за битолчани по пост долг 18 години.

За најракометниот град во Македонија тоа е предолг пост и радоста на битолчани е разбирлива. Еурофарм Пелистер идната сезона ќе биде претставник на македонскиот ракомет во Лигата на шампионите и ќе ја брани домашната титула, па клубот веќе си постави цели што ќе треба да ги оствари.

– Ние интензивно работиме да се засилиме за идната сезона. Веќе имаме десетмина играчи кои се македонски репрезентативци, така што засилувањата претежно ќе ни бидат од странство. Веќе поставивме „таргети“. Сезонава ја освоивме шампионската титула, следната сезона целта е да ја освоиме двојната круна на домашната сцена. Што се однесува до Лигата на шампионите, целта е да се претставиме во најдобро светло. Играме меѓу 16 најдобри екипи во Европа. Мора да направиме конкурентна екипа за што поуспешно да ја претставиме Битола, Македонија и македонскиот ракомет – вели Јовиќ.

Откако Еурофарм Пелистер во Европската лига претрпе неуспех, не се пласира во нокаут-фазата, си замина данскиот тренер Ларс Валтер, а Јовиќ со соработникот Шундовски го презеде кормилото. Со новиот стручен штаб се промени атмосферата во тимот и биточани успешно се изборија за титулата. Јовиќ главните заслуги ги припишува на играчите.

– Еве како гледам на тренерската професија: за сите победи и успеси се заслужни играчите, сите порази и неуспеси се на сметка на тренерите. Од тоа нема бегање. Ситуацијата беше малку незгодна, но презедовме одговорност. Голема благодарност до нашиот претстедател Зоран Стерјев што ни даде шанса, што го ангажиравме Звонко Шундовски како тим-менаџер. Ова е заедничка работа со која дојдовме до титулата – вели Јовиќ.

Во Битола се уште се слави титулата.

– Последната титула ни беше двојната круна во сезоната 2004/2005. Цели 18 години градот чекаше титула. Знаме дека Битола ни е најракометниот град. Се славеше, се празнуваше и мислам дека уште се слави. Се чувствува позитивна атмосфера, добра енергија во самите луѓе и во самиот град. Заслужено зеднички се радуваме и ова е еден голем мотив за понатаму – вели Александар.

Домашната сезона беше интересна како ретко кога, со повеќе пресврти и неизвесност, а Јовиќ вели дека идната ќе биде уште поинтересна.

– Оваа сезона покажа дека ракометот ни е спорт број еден. Самиот плејоф и резултатите го покажаа тоа. Вардар имаше два порази од Алкалоид и нерешен со Тиквеш. Алкалоид имаше нерешен резултат и два порази од нас… Се покажа дека секој секого може да победи. Добро е што покрај Вардар и Еурофарм Пелистер се вмешаа и други клубови како Алкалоид. Има најави дека и Охрид ќе се засилува. Тиквеш е одлична екипа, исто како Бутел и Пролет. Следното првенство ќе ни биде многу интересно и квалитетно – вели Александар Јовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот