Јовески: На политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките не се носат во нечии кабинети

Љубомир Јовески/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Неопходно е, не заради Брисел, носење нов квалитетен и издржан закон за јавното обвинителство, а не решенија што ќе бидат резултат на дневно – политички договори. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија, истакна државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во денешното годишно обраќање пред јавните обвинители и новинарите.

Посочи дека Јавното обвинителство изминатава година беше исправено пред бројни предизвици и покажа неселективност во спроведувањето на законите, а на политичарите и моќниците, како што додаде, им стана јасно дека одлуките не се носат во нечии кабинети, туку нив ги носат обвинителите самостојно.

-Вие колеги ја имате мојата целосна поддршка да не потклекнувате под ничии притисоци, да работите во рамките на вашата надлежност без мешање од страна. Само на овој начин Јавното обвинителство ќе ја постигне својата цел за ефикасност на кривичната правда и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните,  рече Јовески.

Најави дека поединечно, преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите, ќе се оценува работата на секој јавен обвинител.

-На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работењето на секој јавен обвинител, со единствена цел зголемување на ефикасноста во постапувањето- рече Јовески.

Еден од големите предизвици, како што рече Јовески, беше опасноста предметите од СЈО да пропаднат изатоа донесовме одлука за преземање на овие предмети.

-Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од  СЈО презеде  три  предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмета за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети кои се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, шест  предмети кои се во предистражна постапка, 80 други предмети кои се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност, 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вонредни правни лекови- рече Јовески.

Додаде дека предметите според нивната итност се прераспределени во надлежните јавни обвинителства и се дадени овластувања јавните обвинители да продолжат со преземањето на дејствијата.

-Имаме проблеми и слабости, но имаме пред сè подготвеност за одговорно и ефикасно справување со криминалот. Дека никој не е над законот покажуваат истрагите кои ги водевме изминатава година. Покренати се постапки и против јавен обвинител, судија, пратеник, службено и одговорно лице- рече Јовески.

Досега како што информира Јовески отворени се четири истражни центри, и тоа во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства во Тетово, Куманово и Скопје. Тој  притоа апелираше до надлежните да имаат разбирање за неопходната финансиска поддршка за да можат истажите центри да станат функционални. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот