Јовановска: Не лажам ни манипулирам, масовни отпуштања нема

билјана јовановска агенција за вработување 1
Билјана Јовановска, директорка на АВРСМ, Фото: Архива

Во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ гостуваше Билјана Јовановска, директор на Агенцијата за вработување, која зборуваше за реалните состојби околу бројката на невработеност во време на кризата предизвикана од коронавирусот.

-Во моментов Агенцијата за вработување ја објави, редовно и уредно, бројката на невработени лица за месец март, која што во споредба со претходниот месец бележи зголемување за околу 2.000 лица. Тоа е бројка на евидентирани невработени лица. Би сакала да кажам дека иако со уредба е стопирано, односно одложено редовното тековното пријавување на веќе евидентираните лица, системот не ги брише и немаат обврска да доаѓаат во Агенцијата, сите лица кои сега останале без работа можат да се пријават и тоа слободно го прават во центите. Од друга страна Агенцијата ја нуди услугата на пријави и одјави – М1-М2 во задолжително социјално осигурување.

Таа бројка е променлива во секој момент. Зошто тоа немора да значи и престанок на работен однос? Затоа што можеби, со датум 14-ти или 15-ти, XY граѓанин е одјавен од задолжително социјално осигурување, но веќе на 15-ти е направена пријава за 16-ти истиот месец. Ова значи дека тоа не е престанок на работен однос, како што не е и мирувањето на работниот однос, ниту пензионирањето, изјави Јовановска.

Околу барањата на угостителите и заканите дека ќе се отпуштат од работа 15.000 работници, Јовановска вели дека до сега такво нешто се нема случено.

-Во секојдневна комуникација сум со Центрите и такво масовно отпуштање воопшто не постои. Од друга страна јас сум повеќе од убедена дека сево ова ќе заврши, а знаат и угостителите дека тие кадри се дефицитарни. Ние во неколку наврати сме разговарале и секогаш угостителите велеле дека тој кадар е дефицитарен. Сметам дека со поддршката од Владата тие кадри треба да се задржат.

Владата во континуитет излегува со нови мерки и решенија за поддршка за задржување на работните места. Покрај тие економски пакети, ја субвенционира и минималната плата од 14.500 денари за да се задржат вработените. Како во другите дејности, така и во дејноста угостителство и туризам не само што ги задржуваат вработените, туку и вработуваат други лица, а доказ се подготвените договори за субвенционирање на плати кои ќе бидат потпишувани следната недела. Меѓу тие 1.500 лица кои аплицираа има и голем број работодавачи кои што имаат дејност угостителство, туризам, хотелиерство. Тоа се нови вработувања, вели Јовановска.

Околу обвинувањата дека се манипулира околу бројките, и обвинувањата од Сојузот на стопански комори и прес конференцијата на угостителите, Јовановска ги повикува медиумите, јавноста, комората заеднички да се извадат листинзите на работодавачите (доколку се согласат) кои ќе покажат дали тие одјавиле или пријавиле вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот