Јовановиќ: Не се главни политичарите, туку бизнисмените, олигарсите, бидејќи само тие ќе останат нечепнати во оваа криза

Бранимир Јовановиќ, универзитетски професор и финансиски аналитичар во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ даде свој став за скандалозната одлука на Уставен суд.

-Ќе морам да се согласам со Владата – скандалозна е одлуката на Уставниот суд. Јас не сум голем поборник на пракса на намалување на плати или откажување од нив во име на солидарност, затоа што мислам дека тоа е на еден начин омаловажување на работата. Секој што работи, дури и државен фунционер вложува труд. И платата е надоместок за тој труд и затоа треба да биде достојно платен. Но, ако веќе е донесена одлука да се скратат тие плати, скандалозно е што судот веднаш донесува одлука каде што намалувањето на своите плати го смета за противуставно, а други одлуки, процеси и иницијативи стојат нечепнати, рече Јовановиќ.

Одлуката е лоша, но не може да се направи ништо во врска со неа. Во економска смисла, товарот на кризата треба да падне на грбот на оние кои профитираат во услови на криза предизвикана од коронавирусот.

-Она што е загрижувачки е што ова ќе направи револт кај сите вработени во јавниот сектор и сите ќе ги почнат да ги обвинуваат и стереотипизираат дека се исти како судиите, дека се паразити кои ништо не работат. На овој начин ќе се зголеми револтот кон јавната администрација и јавниот сектор во ситуација кога тоа воопшто не е така. Затоа сметам дека оваа одлука е многу лоша, но не гледам дека може нешто да се направи нешто во врска со тоа.

Има само една солидарност, нема повеќе. Во економска смисла тоа значи дека тие што заработуваат повеќе да даваат повеќе за општото добро, односно товарот од кризите да падне на нивни грб, затоа што тие профитираат и во мирнодобски услови, но дури и за време на криза. Требаше државата да ги зголеми даноците за профитабилните фирми и за богатите луѓе. Но, наместо тоа гледаме повикување во име на солидарност, покачување на акциза и даночење на сите. Во име на сите, кратење на плати во јавна администрација (добро што се откажаа, но сакаа да го направат тоа). Државата и функционерите се дури спремни да се откажат од своите примања, но не се спремни да ги оданочат богатите и моќните. Значи не се главни политичарите, туку бизнисмените, олигарсите, бидејќи само тие ќе останат нечепнати во оваа криза, вели Јовановиќ.

Потребно е оданочување на големите фирми кои заработуваат најголем дел од вкупниот национален доход.

– Јас имам проблем со тоа кога јавните финансии на државата се сведуваат на доброволни прилози. Не може држава да се финансира од донации од фирми, да ги молите да платат данок пред време, да отварате сметки каде ќе се донира, да повикувате на откажување од МојДДВ, во ситуација кога имате толку голем неискористен потенцијал. Ние имаме најголема нееднаквост во Европа. Богатите луѓе во оваа држава заработуваат најголем дел од вкупниот национален доход од сите европски држави. Гоемите фирми заработуваат најголем дел од вкупниот национален доход во оваа држава и вие нив не ги даночите, туку повикувате на солидарност, вели Јовановиќ и додава дека на овој начин државата се доведува во ситуација да биде питач што е многу трагично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот