Јованка Броз, „живиот билборд“ на југословенската модна индустрија

Нејзиниот заштитнички однос кон југословенската модна индустрија би требал да послужи за пример, а нејзиниот стил за инспирација на сите први дами од овие простори кои почесто ги промовираат светските модни марки, отколку оние од сопствената земја, на кои им треба и поддршка и промоција.

Јованка Броз беше најголемиот амбасадор на југословенската модна индустрија во светот, па немаше неискористена пригода за неа за да ги претстави креациите на поранешните југословенски модни марки, произведени во сè уште младите фабрики. Тоа го правеше со многу стил како гостинка на светските саеми на мода, на претседетелските коктели и вечери, на официјалните и неофицијалните настани.

Сепак, и во тие денови некои и забележуваа зошто не носи облека од индустриско производство, која треба да претставува мост меѓу претставниците на владејачката елита и другите граѓани, туку нејзините креации беа скроени по мерка. Токму таквите креации, дизајнирани специјално за неа, за многумина не беа добар пример за промовирање на официјалната идеологија на земјата, бескласното општество, туку истакнување на веќе одвоената елитистичка класа.

И покрај овие забелешки, факт е дека првата дама на Југославија беше „жив билборд“ за промоција на младите модни фабрики и првите креаторски имиња на овие простори, кои гледаа престиж и чест во креирањето на нејзиниот имиџ пред светската јавност.

По распаѓањето на Југославија, Јованка која, до тогаш, беше симбол за гламурната облека, накитот, раскошните фустани и бундите, одеднаш стана симбол на скромноста.

Најчесто беше облечена во конфекциски црни фустани, често во комбинација со шал, кои дополнително ја нагласуваа нејзината пристојност и над сè –воздржаност, но не можеа да ја сокријат и нејзината вродена (или преку еден долг период стекната) елеганција со која зрачеше и во нејзините најсиромашни денови на староста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот