Јосифовска потврдува дека Стефанова не сакала да му се врати пасошот на Камчев

Фото: Слободен печат

Обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска, која е формален потписник на решенијата на Јанева како нејзина заменичка, во интервју за радио „Канал 77“ потврди дека решението за враќање на пасошот на осомничениот во случајот „Империја“ Јордан Камчев го потпишала по налог на Јанева, која била отсутна во тој период. Јосифовска и дека предметната обвинителка за „Империја“ Лиле Стефанова не се согласувала да му се врати пасошот на Камчев.

– Контактирав со колешката Стефанова. Заклучив дека таа не е информирана. Го дознав нејзиниот став дека не се согласува да му се издаде времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев. Потоа, повторно нели, согласно внатрешните процедури се информирав. Тоа беше став и одлука на специјалниот обвинител и во таков случај се согласивме со колешката дека не е возможно да се постапи со ништо друго, освен да се потпише тоа мислење, кое, ќе повторам, е мислење на специјалниот јавен обвинител. Јас во тој момент немав никакво сознание, никакво сомневање, впрочем тоа го немам ни во моментов сега, дека во позадината на таквото постапување, постои нешто евентуално криминално. Така да не сум имала повод да се сомневам во причините за донесувањето на таквото мислење, вели Јосифовска.

Јосифовска за разговорите објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“ вели дека треба да се дознае изворот, а со Јанева вели дека комуницира формално, но не збореле за случајот „Рекет“. Таа од понеделник најавува продолжување на судските постапки.

– Не треба да заборавиме дека веќе од понеделник почнуваат судските постапки. Имаме пред нас многу сериозни предмети, за кои судењата се во тек и тоа е тоа. Немаме намера да се оградуваме, ниту пак потреба да се оградуваме од кого било. Секој на крајот на краиштата е одговорен за своите постапки, рече Јосифовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот