ЈО ги чека предметите на СЈО, додека продолжуваат консултациите за законот

обвинителство ојо

Јавното обвинителство ги чека предметите од Специјалното јавно обвинителство, додека продолжуваат консултациите меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за ЈО, со кој треба да се реши и судбината на СЈО.

Јавното обвинителство се уште го разгледува прашањето дали да ги прифати предметите на Специјалното јавно обвинителство, информираат од ЈОРМ.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје како осомничена за случајот „Рекет”, во средата даде полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство на РСМ предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека предавањето на предметите од СЈО во ЈО е логична постапка. Оцени дека решението е да се постигне договор, според кој предметите треба да поминат во Јавното обвинителство и најави можна средба на работните групи.

– Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата, истакна премиерот Заев.

Додаде дека очекува во почетокот на наредната недела да има договор за предметите од СЈО со оглед што истекува законскиот рок за неговото функционирање.

Во Министерството за правда вчера се одржаа констултации за законот за јавно обвинителство со работната група. Министерката за правда Рената Дескоска на својот Фејсбук профил објави фотографии, на кои се гледа дека на состанокот меѓу другите присуствувале државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинителката од СЈО Ленче Ристовска, академик Владо Камбовски и професори од Правниот факултет.

Главните разлики меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

Поради скратените рокови Законот за ЈО се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот