Јавни пари за јавен добробит

Ана Чоловиќ-Лешоска, Фото: Архива

Граѓаните плаќаат за заштита на животната средина, но власта ја избегнува својата должност. Од една страна, средствата ги троши ненаменски, од друга страна не ги исполнува зацртаните приоритети за унапредување на животната средина. Граѓаните ем плаќаат ем живеат полошо – во загадена средина и со влошено здравје.

За начинот на користење на јавните, буџетски, средства јавноста, за жал, знае многу малку. Можеби поради фактот што власта настапува нетранспарентно или, едноставно, не смета дека за користењето на нашите средства треба да има некаква отчетност и одговорност. Тој однос го гледаме над 20 години и наликува на аматерско управување со јавните пари според принципот „Миле ми текна“, а не врз база на стратешко и наменско планирање.

Токму ваквиот однос го гледам во два примера, а верувам има многу надвор од доменот во кој професионално делувам. Едниот пример е поврзан со финансиите за заштита на животната средина кои, секако, влегуваат врз основа на различни еколошки такси во државната каса, но од таму излегуваат за… не знаеме за што. Процените од достапните податоци велат дека над четири милиони евра секоја година се прибираат токму од екотаксите кои ние како граѓани и бизнис секторот ги плаќа.

Велам од достапните податоци, затоа што сум сигурна дека има и податоци кои нам, на граѓаните, не ни се достапни поради лавиринтот на системот, а најверојатно ни самото Министерство за финансии не знае каде им завршиле некои давачки. На поголемиот дел од овие средства некако мистериозно им се губи трагата, па така надлежните институции велат дека околу половина од овие средства завршиле во секторот во кој биле наменети – заштита на животната средина. А другата половина, за жал, не знаеме каде се. Кога ќе помислам на сите оние мегаломански „инвестиции“ во проектот „Скопје 2014“ кои буквално изедоа милионски суми, се прашувам – дали ги „јадеа“ и парите што ги плаќавме за екологија? Сигурно.

Овие средства кои така флуидно можат да се преместуваат каде ќе ѝ текне на власта се супер слатки пари бидејќи не се фиксираат за одредени трошоци за намената за која биле и собрани. Колку паметно!

Истовремено, сите ние секоја година гледаме како состојбата со нашиот воздух, вода, почва и природа се влошува. Немаме систем за рециклирање на отпадот веќе цели 20 години. Мини депонии насекаде, дури и во недопрената природа. Јавните установи се греат на отпадно масло загадувајќи го воздухот што наводно го „чистиме“ со субвенциите за велосипеди. Филтер на најголемиот загадувач не може да се постави, немало пари. Реките се обоија со сите бои на виножитото и притоа никој не заработи казна.

Каде се невладините нешто да направат, сè е уништено! – реагира јавноста.

А каде ни е власта? Си собира пари по основ еко такси и се крие без грам одговорност за состојбата. И така секоја година.

Ме мачи едно прашање – што треба да се случи за власта да почне да ги двои средствата за екологија и да ги троши за таа намена? Каде лежи проблемот – во корупцијата или во неспособноста? Но, каде и да лежи, тешко ни се пишува.

Со години слушаме дека Владата ќе формира Фонд за животна средина, каде што ќе ги собере сите овие такси и донаторски средства и систематски ќе се посвети кон остварување на приоритетите од област на животната средина. Одлично! Но, кога ќе почнеме?

Другиот пример за кој размислувам долго време е наплатата на средства од граѓаните преку нивните сметки за електрична енергија и користењето на дел од нив за субвенционирање на обновливи извори на енергија. Има ли некој кој знае колку пари всушност секој месец, одат на пример, за поддршка на ветерна енергија? Би знаеле секако, доколку ова транспарентно го пишува на сметката. Ама, за жал тоа не е случај. Индиректно, ако нè интересира, можеме да дознаеме колку вкупно субвенции одат за сите производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Во 2018 година, цели 35 милиони евра се доделиле како субвенции, а од нив, дури 15 милиони за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали.

Од една страна, граѓаните не знаат за што плаќаат, а од друга страна немаат ни право на избор. Еве, јас би сакала целиот износ што ми го зема државата да го дадам за поддршка на соларни централи. Не сакам моите пари да завршуваат во џебот на неколку познати бизнисмени што енергетиката ја гледаат како начин за брзо збогатување, притоа не почитувајќи закони и уништувајќи и тоа малку недопрена природа што ни остана. Не сакам со моите пари да се стимулира штетна и застарена технологија како што се малите хидроцентрали.

Но, кој ме прашува…

Заклучокот од двата примера е – граѓаните плаќаат за заштита на животната средина, но власта ја избегнува својата должност. Од една страна, средствата ги троши ненаменски, од друга страна не ги исполнува зацртаните приоритети за унапредување на животната средина. Граѓаните ем плаќаат ем живеат полошо – во загадена средина и со влошено здравје.

Има ли чаре?

Јавните пари мора да одат за јавна добробит, нема друга алтернатива. И кога јавноста бара користење на нивните средства за општо добро, власта мора да одговори. Но, „општото добро“ не е во популизам, туку политики кои на долг рок носат придобивки во животот и здравјето на луѓето. Да се слушне гласот на граѓаните е одлика на високоразвиените општества кон кои се стремиме. Само на тој начин и ќе успееме да се придвижиме кон подобар животен стандард и да изградиме држава во која јавноста се почитува вистински, не само декларативно.

Искрено ве повикувам да ја поддржете кампањата на Еко-свест. Потпишете ја петицијата за стоп на субвенциите за малите хидроцентрали. Побарајте транспарентни сметки за електрична енергија.

 

(Авторката е извршна директорка на Еко-свест Скопје)

 

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот