Јавен протест на Слободен Печат кон одлуката на СЕММ

Почитувани и уважени господа од Комисијата за жалби при Советот за етика за медиумите во Република Македонија,

Во врска со вашата Одлука од 16.09.2019 година бр.364/0306 донесена од Комисијата за жалби при Советот за етика за медиумите во Република Македонија а врз основ на претставка на извесен Даниел Калајџиески , како и е-маил пораката од 19.09.2019 година а предизвикана од мојот вербален протест искажан преку телефон до претседателот на Комисијата Мирче Адамчевски по горенаведената содржина, сакам да ве известам за следното:

– На 3-ти септември 2019 година , од е-маил адреса [email protected] (без потпис на лице со име и презиме и својство; наведено е само Совет за етика) пристигнато е известување до главниот и одговорниот уредник на веб изданието на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ – Ана Анастасовска, со барање од СЕММ да се прозинесеме по претставката на извесен Даниел Калајџиески, а во врска со текст објавен на нашиот портал на 22.08.2019 година со наслов „Вредеше ли“?
– Истиот ден на 3-ти септември 2019 година , госпоѓата Анастасовска побара од СЕММ да и се достави претставката од г. Калајџиески. Истиот ден, како и на 19.09.2019 од СЕЕМ е пристигнат истоветен одговор дека доставата на жалбата (од поднесителот) „НЕ Е ПРАКСА на СЕММ“ и дека Советот за етика во електронската комуникација со Анастасовска посочи дека како тело, во согласност со Деловникот за работа, НЕ ПРАКТИКУВА да ги испраќа жалбите, туку сеопфатно го сублимира она што е наведено во нив.

Во согласност со горенаведената хронологија на кореспонденцијата и комуникацијата а следствено и Одлуката 16.09.2019 година бр.364/0306 со која СЛОБОДЕН ПЕЧАТ се прогласува „виновен“ дека го прекршил членот 7 од Кодексот на новинарите на Р.С.М., Ве известувам дека нашата позиција за горенаведената Одлука е дека истата е донесена со прекршување на членот 4 од Правилникот за работа на комисијата за жалби при советот за етика во медиумите на Македонија, а согласно со тој прекршок, следи апсолутно погрешна примена на одредба (член 7) од Кодексот на новинари во Р.С.М. За нас како медиум оваа одлука е ништовна од повеќе причини.

Имено, кореспонденцијата помеѓу СЕММ и г-ѓата Ана Анастасовска (инаку главен и одговорен уредник на веб изданието на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ) не соодветствува на членот 4 од Правилникот за работа на комисијата за жалби при советот за етика во медиумите на Македонија. Имено, членот 4 на правилникот (за потсетување) гласи:

Член 4

Жалба поврзана со објавените содржини во печатени, електронски и онлајн медиуми може да поднесе секој граѓанин, правни лица, граѓански организации и меѓународни организации. Жалбата може да се поднесе против одреден медиум. Жалби против поединечни новинари не може да се поднесуваат.

Следствено на членот 4 од правилникот, повеќе од јасно е дека г-ѓата Ана Анастасовска не е адреса/официјално лице за кореспонденција на Друштвото за издавање и маркетинг СЛОБОДЕН ПЕЧАТ ДОО Скопје со трети страни, ниту нејзината личност е „индивидуален“ член на СЕММ, туку членот на асоцијацијата е нашето друштво застапувано од неговиот законски застапници и управители Мирослав Јовановиќ и Дејан Волф, кој би требало да бидат кореспондентни линкови со Вашето здружение во кое и СЛОБОДЕН ПЕЧАТ членува доброволно. Без разлика на горенаведеното, г-ѓата Анастасовска (главниот и одговорниот уредник на веб изданието на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ) сакајќи да ви излезе во пресрет, на вашето барање за произнесување по жалбата на извесен г-дин Калајџиески – побара од вас да ја добие жалбата, како по истата друштвото квалитетно би се произнело и би го соопштило својот став по предметното прашање.

Наместо примерок од жалбата, г-ѓа Анастасовска доби објаснување „дека тоа не е пракса на здружението“?! Прашуваме отворено, за кого здружението постои и чии интереси застапува, ако не е во состојба својата членка правовремено и „lege artis“ да ја извести (достава на жалба по пат на пошта или курир, рокови, правни поуки и сл.) за околностите кои се од општ јавен интерес, а по жалба против една од членките на асоцијацијата, во овој случај СЛОБОДЕН ПЕЧАТ?

По денешниот официјален вербален протест по телефон од управителот на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ – М.Јовановиќ, упатен до претседателот на СЕММ, г-дин Адамчевски, за манифестираниот волунтаризам на СЕММ, неколку минути подоцна пристигна електронска порака од „непознато лице“ (без име и презиме) а во име на СЕММ, во која е дадено следното неточно, произволно објаснување, кое ви го пренесувам во целост, а во име на вистината и процедурата:

——– Original Message ——–
Subject: До г-дин Мирослав Јовановиќ
Date: 19.09.2019 14:57
From: Совет за етика во медиумите на Македонија <[email protected]>
То: “[email protected]” <[email protected]>, “[email protected]
<[email protected]>, “[email protected]” <[email protected]>
Cc: ана анастасовска <[email protected]>, “[email protected]
<[email protected]>

Почитувани,

По Вашата комуникација со Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ Мирче Адамчевски, Ве известуваме дека по добиената жалба од Даниел Калајџиески, заверена со број 345/0306, на 29.08.2019 година, испратено е барање за одговор до „Слободен печат“. По испраќањето на барањето, Вашиот уредник Ана Анастасовска побара од Советот за етика да ѝ ја испрати предметната жалба за да се утврди за што станува збор, а потоа да се произнесе медиумот.

Советот за етика во електронската комуникација со Анастасовска посочи дека како тело, во согласност со Деловникот за работа, не практикува да ги праќа жалбите, туку сеопфатно го сублимира она што е наведено во нив, што беше направено и во овој случај. По оваа комуникација, канцеларијата не доби одговор од уредничката, за што беше известена Комисијата за жалби при СЕММ.

Исто така, според Правилникот за работа на Комисијата за жалби, во процесот на одлучување не се вклучени претставници на медиумите, туку нивните ставови се пренесуваат по добиениот одговор.

Се надеваме дека ќе наидеме на Ваше разбирање и сметаме на Вашата понатамошна поддршка во работењето на телото за саморегулација во медиумите.

Со почит,

Совет за етика во медиумите на Македонија
Бул. Митрополит Теодосиј Гологанов 54/2
1000 Скопје, Македонија
тел./факс 02 3222 595
www.semm.mk [1]

Во денешната (горенаведена) електронска порака, јас добив невистинито „појаснување“ дека СЕММ доставил „сублимат“ на жалбата до СЛОБОДЕН ПЕЧАТ?! Појаснувам дека тоа писание е доставено до неовластена/ненадлежна личност да дава било какви одговори во име и за сметка на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Од таму отсуство на било каков одговор од друштвото.

За воља на вистината, се наметнуваат неколку прашања од јавен интерес. Дали СЕММ смета дека „сублиматно“ известување на релевантна страна во утврдување на вистината е професионално, неарбитрерно, соодветно или станува збор за веќе извршена повреда на непристрасноста од изборот на делови од жалбата и состав на „сублиматот“ со кој треба нашето друштво да биде запознаено и следствено да даде одговор на истата?! И сето тоа од тело кое треба да биде непристрасно во одлучувањето за примена на највисоки новинарски стандарди и да биде етичкиот чувар на јавниот збор, а истото си дозволува да „крои“ и користи „исечоци“ од жалба, (која инаку не е државна тајна) и прави „сублимат“, а јас ќе си дозволам да коментирам „алхемирана жалба“?! Дали произволен избор на лице за кореспонденција покрај постоење на законски одговорно лице за комуникација – за страната која тоа го сторила – предизвикува некаква правна, етичка, законска или било каква друга одговорност, или последица? Дали е можен точен одговор од грешно поставена равенка?

Дали Комисијата за жалби е свесна за тежината на одлуките кои ги носи, а притоа дава бесмислени објаснувања од типот „НЕ Е ПРАКСА“ и „НЕ ПРАКТИКУВАМЕ ДА ДОСТАВУВАМЕ ЖАЛБИ ДО ОНИЕ НА КОИ ЖАЛБИТЕ СЕ ОДНЕСУВААТ“? Дали сметате дека моќта која ви е доверена (а и одговорноста) ви дозволува вакви пропусти во носење на одлуките а со тоа неодговорно однесување да предизвикувате негативни последици по оние за кои се однесуваат одлуките, во конкретниот случај СЛОБОДЕН ПЕЧАТ?

После се, беспредметно е да се коментираат наводите на подносителот на жалбата од извесен Калајџиески, за кого се сомневаме во изворноста на идејата за поднесување на жалбата. Целата постапка и објаснување по истата од СЕММ наликуваат на најтемните периоди на човековата историја – „сталинизмот“ каде од нас се бараше невозможното, а кога тоа не можеше да се исполни поради ускратеното/повреденото/прекршеното право на целосна информација, на истиот да му се пресуди и тоа без негово активно учество во постапката.

СЛОБОДЕН ПЕЧАТ својот кредибилитет и авторитет ги изгради во време кога се шепотеше, а ние, спротивно на тоа, бевме гласни кон сите општествени девијации, не штедејќи никого. Нашата заложба за транспарентност и гласност е наше мото, од кое нема да отстапиме. Единствениот авторитет пред кој секогаш ќе се поклонуваме е нејзиното височество – ВИСТИНАТА. СЛОБОДЕН ПЕЧАТ никогаш нема да дозволи било кој да „вежба“ на него процедури, постапки па макар тоа било и здружение во кое и самиот медиум членува.

Во секојдневната пролиферација на лажни вести, басни, полувистини, највисок дострел на демократијата и етичноста на јавниот збор во нашата земја ќе биде осудата на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Живели!
Поради претходното, менаџментот на СЛОБОДЕН ПЕЧАТ одлучи да ја објави во целост вашата „пресуда“ (затоа сме СЛОБОДЕН ПЕЧАТ), без оглед што сме на становиште дека вашата одлука е донесена вон процедура, волунтаристички и содржински бесмислена и контрадикторна. Но правото на јавноста и на сите граѓани на нашата земја е да им овозможиме целосно информирање за прашањата кои се од јавен интерес.

Скопје, 19.09.2019 Мирослав Јовановиќ
Директор
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ ДОО Скопје

ВРЕДЕШЕ ЛИ? Катица Јанева се прости од мајка и, но не дочека да ја спуштат во гробот (ФОТО)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот