Јас сум никој! А ти кој си? Стиховите на Емили Дикинсон и до денес нешто нè прашуваат

Profimedia

Емили Елизабет Дикинсон е родена на 10 декември 1830 година, како средно од трите деца во угледно, но не и богато семејство.

На само 10-годишна возраст, заедно  со својата сестра Лавинија почнала да се школува во Академијата во Амхерст и поради здравствените проблеми неколкупати го прекратува школувањето. На Aкадемијата поминала седум години.

На 25-годишна возраст два месеци поминала во  Вашингтон и Филаделфија. Во писмата во кои и претходно уживала, напишала дека „ запознала многу прекрасни дами и господа“. Не се знае дали тоа патување оставило нешто скриено во нејзиниот живот. Но токму тоа време и наредните години се сметаат за најплодни во нејзиното книжевно творештво.

Profimedia

До мигот кога наполнила 35 години веќе зад себе имала колекција од 1.100 песни, кои ги чувала во своите нотеси кои никому не ги покажувала. Неколку песни стигнале до весниците, после еден нејзин обид да ги објави. Кога биле отпечатени, променети и непотпишани, одлучила никогаш повеќе да не ги понуди.

На нејзините сограѓани нејзиното однесување им изгледало чудно. Секогаш се облекувала во бело, во сомот, на своите сожители често им испраќала тајни писма со домашни колачиња или цвеќе, а со текот на годините одбивала било какви средби и посети, гледајќи се само со членовите на семејството и одредена група деца, со својот брат, а нејзината изолираност отишла до таму што дури и пред смртта докторот морал да ја прегледа од друга просторија.

Подоцнежниот творечки период на Дикинсон е обележан од трагедиите. Татко ѝ умрел во 1874 година, од срцев удар. Таа пак, и за време на погребот останала во својата соба. Една година подоцна, мајка ѝ останала парализирана од мозочен удар. Следувале и други трагедии меѓу блиските роднини, а Дикинсон, скршена од сите загуби, и самата се разболела.

Profimedia

Следните две години здравјето ѝ се влошило, а на15 мај 1886 година, умрела во 55-та година од својот живот.

Песните на Емили Дикинсон се објавени четири години по нејзината смрт, изненадувајќи ја критиката со длабочината која во себе ја носеле. Денес, таа се вбројува меѓу најзначајните американски писатели.

Еве само „капка“ нејзини стихови кои, можеби, ќе ве запрашаат како сте.

Јас сум никој! А ти кој си?

И ти ли си никој?

Тогаш, молчи си, да не те расчујат!

А, колку тажно е да се биде некој!

Гласен како жаба

и севезден име да си врескаш

пред драгиот бог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот