Јас не сум од тука

Уште една недела „рекетарски“ перипетии, сензационалистички изјави и тајно изработени снимки. Резултатот: многу драма, еден куп нарушени достоинства и најмногу – забуна кај нас, обичните смртници.

Прво, борците за јавниот интерес – Обвинителството. Многу е збунувачки односот на Обвинителството кон целата работа. Обвинителката Рускоска не верува дека во торбата „луј витон“ имало ГПС-уред за следење, бидејќи сведокот не кажал дека има, односно на записниците од неговите изјави нема информација за поставен ГПС-уред. Од кога тоа зборот на Орце се смета за закон во оваа држава?

Една работа е дека Обвинителството не внело во записник ништо за ГПС-уредот, а сосема друга е изјавата токму на „правичниот“ сведок дека „не може да зборува за тоа, бидејќи е дел од предистрага“. Дали тоа значи дека во некоја од првите фази на постапката, ГПС-уредот и податоците од него биле предмет на обработка, за потоа целосно да бидат изоставени од јавната, официјална документација? Дали е направен увид во мета-податоците од базните станици за движењето на мобилниот на Боки 13 по земањето на куферот?

Клучната работа во целиот случај е движењето на парите. Доцна е Обвинителството да се прави дека „не е од тука“ и дека целиот случај е заокружен само со утврдувањето на улогите и вината кај тројцата осомничени. Не ни треба да знаеме каде парите „не стигнале“, туку каде и кај кого стигнале.

Понатаму, изненадува како може Обвинителството толку сигурно тврди дека материјалите кои протекуваат со месеци во јавноста, не протекуваат токму од кај нив? Според обвинителката, методологијата на чување е сигурна, а самото Обвинителство е „водоотпорно“. Изгледа како некој таму да „не е од тука“ и воопшто да не му е гајле за одговорот на прашањето „Знаеш ли што значи на истражител да му дадеш 100.000 евра за стикче? 100.000??“

До кога ќе ги чекаме резултатите од фамозната истрага за протекувањето на материјалите во „Ла Верита“? Или повторно, како со бегството на Груевски, ќе чекаме една година пред помпезно да ни кажат дека “истрагата не утврдила одговорност кај ниту едно лице“ без да споделат ниту една друга информација со јавноста? Јавниот интерес не е спроведена постапка со оскудно соопштение. Јавниот интерес е вистината, целата вистина и ништо друго освен вистината. Колку и да е непријатна за слушање.

Второ – борецот за правда, Камчев. Морам да признам дека ефектот на сведочењето на Орце Камчев беше запрепастувачки – зарем дотаму стигнавме да мора да го чекаме токму него да ни се бори за правда во државава? Но, снимките кои осамнаа набрзо потоа, каде тој се заканува со „крв до колена“ и „гинење“ ни покажаа дека, фала Богу, не е стигната дотаму работава.

Камчев не е некој „чесен бизнисмен кој е само жртва на алчните криминалци“, туку ликот кој ни беше познат од претходно – вешт и богат манипулатор, кој бесчувствително тргува со човечки судбини кажувајќи „кој од каде ќе пука“, кој треба да гине, а кој да се договори. Сѐ, само да се спаси од одговорноста која никако да го стигне. Кога ќе го прашате за неговата инволвираност во „Империја“ и десетиците други случаи за кои се зборуваше во јавноста, сигурен сум дека ќе ви каже дека и тој „не е од тука“, едноставно е кутар и чесен милионер, кој сите сакаат да го наместат.

Трето – борецот за вистина, героски. На снимките, можеме да чуеме како чесниот бизнисмен вели „Ова вака од Софија ќе биде, тагау, виу, бам, кај Геро. Геро ќе ги пука сите сега. Геро ќе биде.“

Уште од почетокот на случајов, знаеме дека во истрагата биле вклучени и служби на друга држава. Разумно е да се претпостави дека станува збор за служби од Бугарија, имајќи предвид дека обесправениот Камчев е бугарски државјанин и дека има блиски односи со тамошните власти. Исто така, може да се претпостави дека тие блиски односи му овозможуваат и да ги дистрибуира материјалите кај лица по негов избор, во случајов кај геро, кој ќе пука по сите. А геро, пак, тврди дека токму тој бил одбран за оваа света мисија, бидејќи сите, вклучувајќи ги и најголемите криминалци од претходната власт, знаеле дека тој, само тој и никој друг во државава е „бескомпромисен борец за вистина и остар критичар на секоја власт“.

Па, друштво – од сите актери во оваа национална трагедија, овој најмногу „не е од тука“. Гајле му е на Камчев и сличните нему за бескомпромисната борба за вистината, а критиките кон власта (кон која било власт) ги интересираат само ако тие лично ги имаат порачано. Нив ги интересира само контрола врз наративата и како да си ја обезбедат или купат. А, нашиве „борци за вистина“ забораваат дека таквиот патронажен однос со овие луѓе е стапица, а не привилегија – и дека набрзо ќе мораат да придонесуваат и во други аспекти од нивната „борба“ и да бранат аболиции од иванов, чест и углед на девалвираниот Уставен Суд и други артикли од новогодишниот список на ВМРО-ДПМНЕ, што и всушност се случи преку писанијата на непресушното новинарско перо на героски (споменатите намерно се напишани со мала буква – м.з.).

Ама за разлика од нив – ние сме од тука и немаме каде да одиме. Ниту сакаме. Ова е наша држава и ние ја бараме вистината – повторувам, колку и да е непријатна за слушање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот