Јапонскиот министер за правда поднесе оставка поради подароците на неговата сопруга

Фото: EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Јапонскиот министер за правда Кацувуки Каваи денеска си поднесе оставка на функцијата откако во јавноста излегоа информациите дека неговиот кабинет им делел подароци на избирачите. Ова е втора оставка во новиот владин кабинет на премиерот Шинѕо Абе за помалку од една недела.

Оставката на Каваи следеше шест дена откако поранешниот министер за трговија и индустрија, Ишуа Сугавара, беше обвинет за прекршување на изборниот закон затоа што, наводно, на избирачите од својата изборна единица во Токио како подароци им давал дињи и ракчиња.

Двајцата беа први министри во кабинетот, но нивните оставки веројатно нема да предизвикаат трајна штета заради недостигот од силни ривали и слабата опозиција, сметаат јапонски аналитичари.

Во текст во неделникот „Шукан Буншун” беше објавено дека Каваи освен што на своите приврзаници им продавал различни производи, вклучувајќи и во Јапонија вообичаено скапото манго, и неговата сопруга пратеничката на Либерално-демократската партија Анри Каваи, на вработените во нејзината кампања им исплаќала повеќе од со законот дозволени износи.

Каваи изјави дека ни тој ни неговата сопруга не знаат ништо за пријавените наводи и го негираше прекршувањето на било кој закон, но, додаде, дека одлучил да поднесе оставка за да го одбегне нанесувањето штета на правосудниот систем со губење на доверба во јавноста.

Во обраќањето до јавноста премиерот Абе се извини вторпат за една недела, изјавувајќи дека е одговорен за именувањето на двајцата министри во неговиот нов кабинет.

– Како личност која ги именувала имам одговорност и затоа и се извинувам на нацијата, рече Абе пред новинарите, набрзо откако ја прифати оставката на Каваи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот