Јапонија е „сериозно загрижена“ поради усвоениот закон за Хонгконг

Јапонија е „сериозно загрижена” поради одлуката на кинескиот Парламент да одобри закон за национална безбедност за Хонг Конг, што предизвикува страв кај набљудувачите дека би можела да биде загрозена посебната автономија и слобода на таа територија, соопшти денеска јапонското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението објавено набрзо по изгласувањето на предлог законот за безбедност, Јапонија го оценува Хонг Конг како „екстремно важен партнер”, истакнувајќи ги блиските односи помеѓу двете страни и меѓусебната размена на луѓе.

– Долгогодишната политика на Јапонија и придава голема важност на одржувањето на слободен и отворен систем, што го ужива Хонг Конг, како и на демократскиот и стабилен развој на Хонг Конг во рамките на „Една земја два система”, се истакнува во соопштението.

Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео пред Конгресот изјави дека изјави дека Хонг Конг повеќе нема квалитети да биде посебно третиран во американскиот закон, што може да нанесе силен удар врз неговиот статус како голем финансиски центар.

Тој додаде дека предлог законот за безбедност е „последен во низата акции” со што се поткопува слободата на Хонг Конг.

– Ниту еден разумен човек не може да тврди дека Хонг Конг го задржува високиот степен на автономија во однос на ина, имајќи ги во предвид фактите на терен, посочи Помпео.

Националниот народен конгрес на Кина денеска го изгласа Законот за национална безбедност, според кој се криминализира поткопувањето на авторитетот на Пекинг во полуавтономната територија Хонг Конг.

За предлог законот гласаа 2.878 пратеници , еден се изјасни „против”, а шестмина се воздржаа од гласање.

Со предлог законот се криминлизира сецесијата, субверзијата, тероризмот и странското мешање во Хонг Конг. Исто така, Пекинг ќе има свои агенции за спроведување на законот во Хонг Конг, покрај градските агенции.

Предлог-законот ќе биде испратен на одобрување до Постојаниот комитет на Комунистичката партија на Кина.

Поради предлог-законот вчера во Хонг Конг беа организирани протести, а полицијата употреби солзавец и уапси 360 демонстранти.

Додека денеска околу Законодавниот совет на Хонг Конг е распоредена полиција, а пратениците ќе дебатираат за предлог-законот, со кој се криминализира непочитувањето на кинеската државна химна. Демонстрантите бараат независност од Кина со образложение дека „тоа сега е единствен излез”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот