Јапонија донира 554 000 евра на македонските здравствени институции

Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори потпиша десет договори за грант помош во рамки на програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP) со цел подобрување на основните човекови потреби во Северна Македонија. Десетте проекти, како што соопштија од Амбасадата, имаат за цел да ја поддржат државава во справување со кризата ковид-19, а секоја здравствена институција ќе добие различно финансирање согласно потребите.

Вкупната помош доделена во рамки на програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP) годинава достигнува над 540 000 евра, што е најголема сума што ја добила државава од почетокот на имплементирањето на програмата во 1996 година, информираат од Амбасадата.

Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби ќе добие 65 801 евра за набавка на машина за медицински отпад, Градската општа болница „8 Септември” ќе добие 60 985 евра за набавка на ултразвук за дијагноза на карцином, Здравствениот дом Скопје ќе добие 40 420 евра за набавка на комплети за Итната медицинска помош, за возилата за ИМП помош и ноќните служби, Општата болница во Дебар ќе добие 34 576 евра за набавка на рендген, Општата болница во Куманово ќе добие 54 094 евра за набавка на ултразвучен систем, Општата болница во Гостивар ќе добие 60.635 евра за набавка на рендген, Општата болница во Кочани ќе добие 47 863 евра за набавка на ултразвук и монитор за срцеви отчукувања на фетусот за гинеколошки оддел, Општата болница во Гевгелија ќе добие 60 698 евра за набавка на рендген апарат, Општата болница во Велес ќе добие 60 748 евра за набавка на рентгенска машина, а Здравствениот дом во Свети Николе ќе добие 54 633 евра за набавка на возило за Итна медицинска помош.

– Надминувањето на ковид-19 е глобален предизвик и ние сме многу среќни што ги поддржуваме медицинските институции во оваа земја, кои придонесоа да се спасат многу луѓе, особено во ова многу тешко време. Се надевам дека нашата помош ќе придонесе во справувањето со ковид-19. Поради пандемијата, поддршката преку програмата за мали проекти за човекова безбедност оваа година оди во медицинските институции. Ние, јапонскиот народ сме многу среќни што продолжуваме да ја поддржуваме оваа земја, бидејќи пријателите кои си помагаат се вистински пријатели, рече амбасадорот Савада, изразувајќи најискрена надеж дека заедно ќе ја надминеме социјално-економската криза што ја предизвика пандемијата.

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 47 здравствени установи и обезбеди 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини во сите осум региони во државата. Јапонија ја поддржува Северна Македонија во повеќе сектори и тоа инфраструктурен развој, подобрување на здравствена нега, образование, животна средина, култура, спречување на природни катастрофи, справување со бегалската криза. Доделена е и итна помош, во вкупен износ од повеќе од 422.3 милиони евра, како и дополнителна нефинансиска поддршка, стои во соопштението од Јапонската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот