Јапонци осудени на смрт ја тужат владата: Ни кажуваат за егзекуцијата неколку часа пред да ни ја стават јамката

Стражар ги проверува ќелиите во затворот Тојама - Фотографија ЕПА, Еверт Кенеди Браун

Двајца Јапонци осудени на смртна казна покренаа тужба против властите во Токио поради нехуманото спроведување на најстрогата пресуда, само неколку часа пред егзекуцијата.

Во тужбата до окружниот суд во Осака, осудениците бараат итни промени на оваа практика, но и парична компензација од по 22 милиони јени (по речиси 200.000 долари) за нехуманиот третман.

Јапонија е една од земјите што не ја укинала егзекуцијата, која традиционално се извршува со бесење. Групи за човекови права со години бараат од Токио да ја укине смртната казна или барем да ја напушти нехуманата практика да ги известува осудениците дека ќе бидат егзекутирани истиот ден, само неколку часа пред да ги одведат на бесилка.

– Осудените на смрт живеат во постојан страв и секое утро се будат со чувството дека тоа ќе им биде последниот ден од животот. Тоа е екстремно нечовечки – изјави Јутака Уеда, адвокатот на двајцата осуденици. Тој додава дека не постои закон што укажува дека егзекуцијата треба да им биде најавена на осудените на истиот ден на спроведувањето.

Уеда наведува дека ефектите на ваквата практика се спротивни на декларираната цел – „затворениците да не страдаат чекајќи го датумот за егзекуција“.

– Во другите земји осудените на смрт знаат порано кога ќе бидат погубени, поради што имаат време ментално да се подготват – вели Уеда.

Судовите во Јапонија вообичаено изрекуваат смртни казни во случаи на убиства и, наспроти реакциите од светот, најстрогата казна има голема поддршка од домашната јавност. Во Јапонија не е извршена егзекуција од лани и 2021 може да биде првата година по 2011 во која ниту еден осуденик не завршил на бесилка. Вкупно 112 лица осудени на смрт чекаат да им биде спроведена казната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот