Јанушев: Овие 21 ден ќе бидат финалето на една битка за враќање на државата во рацете на народот (ВИДЕО)

ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања преку која ќе биде помеѓу народот низ улиците во градовите и селата. Секој носител со кандидатите за пратеници ќе биде присутен на терен, на средби со граѓаните согласно препораките на здравствените власти. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од непосредната комуникација со народот и апелираме на почитување на мерките за заштита од корона вирусот, изјави Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ најавувајќи го стартот на предизборната кампања за пратеници во Собранието на Македонија.

– Денес е почетокот на изборната кампања, и ќе бидам реален и искрен како секогаш. Од СДСМ не очекуваме фер, транспарентна и демократска кампања. Не го очекуваме тоа затоа што СДСМ и Зоран Заев се нервозни бидејќи знаат дека губат. Токму таа нервоза предкампањата ја направи нефер и недемократска. Нема друга земја во Европа каде власта ја започнува со бомба фрлена на имотот на потпретседателот на најголемата партија. Нема друга европска земја каде власта со законски декрет сака да ја збрише опозицијата од медиумите преку преполовување на минутите кои законски ѝ следуваат, нема друга држава каде власта дели пакети поткуп, нема друга европска земја каде секој ден е нов скандал. Ова го прават не затоа што се силни туку затоа што се слаби и уплашени од пораз. Затоа Заев ќе паднеш. И не ги повлекувај луѓето со тебе. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а така ќе победи и Македонија – рече Јанушев.

Според него, овие 21 ден ќе бидат финалето на една битка за враќање на државата во рацете на народот и преземање контрола врз судбините на граѓаните.

– На овие избори ќе имаме двојна задача да ја поразиме корона заразата и да го поразиме поголемиот вирус, вирусот на криминал и корупција, а тоа е оваа власт. Ние ја претставивме нашата програма и мерки кои се дел од проектот „Обнова“ со кој се обврзуваме на подобар живот. Ја имаме најдобрата програма во однос на власта која нема ништо освен лаги и манипулации. Очекуваме убедлива победа со двоцифрена разлика во бројот на пратеници во однос на СДСМ – рече Јанушев.

Тој ги повика незадоволните, социјално загрозените, обесправените, работниците, земјоделците, стопанствениците да им се приклучат.

– Имаме подадена рака кон секого и за секое прашање ќе дојдеме заедно до решението. Ви ветуваме работа, извесност и иднина. Различни сме од СДСМ. Изборот е помеѓу измама и обнова, помеѓу безидејност и концепт и стратегија, помеѓу криминал и чесност, изборот е помеѓу Заев и Македонија. На овие избори многу е важно да се гласа, само гласот значи став за промени кон подобро, ако не гласате ќе наградите сѐ што досега видовме, а видовме убијци кои се пуштаат на слобода, рекетари кои поминуваат неказнето, директори со мито во рацете, искривена кичма, и сменет идентитет, туѓи платформи и лични интереси. Затоа ние настапуваме со слоганот „Исправи се Македонијо! Одбери обнова“! Само така заедно ќе донесеме успеси, правда и повеќе пари за секого. Само така ќе си ја вратиме државата во рацете на народот и само така ќе покажеме дека Македонија е посилна од сите нив. Убеден сум во победа и подобра иднина. „Исправи се Македонијо, одбери обнова“ – рече Јанушев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот