Јануарско „стампедо“ по документи за помош за трето дете

фото: Слободен печат

Полека стивнуваат турканиците пред Граѓанскиот суд Скопје, каде граѓаните со денови правеа огромен метеж за да извадат доказ дека не го изгубиле родителското право. На почетокот на секоја година, семејствата, кои аплицираат за помош за трето дете, треба да обезбедат ваков документ од Судот, а потоа целата документација да ја достават до општинските центри за социјално.

Во спротивно ќе го загубат правото на месечната финансиска помош  од 9.000 денари. Вообичаено, барањата се поднесуваат од 1 до 31 јануари, но овој месец има многу неработни денови, шалтерите не работат двосменски, а административниот персонал работи со намален капацитет, поради пандемијата. Уверенијата се издаваат за еден ден, за нив се плаќаат 320 денари, а треба да бидат издадени околу 11.000 вакви документи. Дополнителен метеж се создава и поради фактот дека деновиве стотици граѓани брзаат да извадат и уверенија за неосудуваност, кои им требаат за да конкурираат за работа во соодветни државни институции (полиција, училишта, министерства).

-Три пати доаѓав минатата недела, излегував од работа, но невозможно беше да се пријде до шалтерите. Секоја година во јануари има турканици, ама оваа беше навистина драстично. Сите брзаме да извадиме документи, бидејќи за добивање решение се чека подолго време и ако го загубиме редот, наместо месец за месец, парите на купче, ќе пристигнат кон средината на годината. Ова бидејќи не е само чекањето пред судот, туку и пред шалтерите на општинските центри за социјално – вели Тања од Скопје. 

Од Основниот граѓански суд во Скопје за „Слободен печат“, велат дека е точно дека имале турканици, но административниот персонал работи со намален капацитет, поради здравствените препораки.

-Од почетокот на јануари, над 7.000 граѓани извадиле доказ дека не го загубиле родителското право, а очекуваме вкупната бројка да биде околу 11.000. Слично е секоја година, бидејќи граѓаните сакаат да ја завршат работата во јануари. Работата може да се заврши на неколку шалтери. Но, за жал никој не ги почитува здравствените препораки, граѓаните добиваат бројчиња, но не држат дистанца, иако судската полиција, се обидува да одржува ред – ни рекоа од овој Суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот