Јанша: Сезоната во Словенија не можат да ја спасат само домашните туристи
Словенечката влада издаде туристички ваучери за да можат домашните туристи да летуваат во туристичките капацитети во земјата.
Словенечкиот премиер Јанез Јанша рече во понеделникот дека за неговата земја најважно е да остана дестинација „безбедна од коронавирус“ ако сака да го спаси овогодинешната туристичка сезона и дека не можат да ја спасат само домашни туристи.
„Важно е Словенија и натаму да ја зачуваме како здрава туристичка дестинација без нови жаришта на ковид-19 кои не би можеле да ги контролираме“, рече Јанез Јанша во текот на парламентарната расправа за туризмот и предупреди на неколкуте нови случаи на зараза во Нова Горица и Јесенице по последните десетина дена.
Јанша рече дека новите проценки говорат дека туристичкиот сектор во Словенија ќе се опорави побрзо отколку што се мислеше пред месец дена, но дека домашните туристи преку издадените „туристички ваучери“ не можат да ги спасат хотелиерите и угостителите зошто три четвртини од нивните приходи зависат од странците кои се очекуваат во втората половина од летото.
„Ако не ги изолираме некои од помалите жаришта кои се појавуваат и ако не успееме во тоа, тогаш ниту туристичките бонови за домашните туристи нема многу да ни помогнат“, вели словенечкиот премиер.
Сепак, додаде дека издавањето на тие ваучери, кои ќе се користат од крајот на оваа недела, е многу добар начин за премин кон втората половина од ова лето и дека верува дека и во идните години Словенците повеќе ќе се посветуваат на домашните дестинации.
Словенечкиот туризам минатата година оствари кумулативен 13 процентен удел во националниот БДП, бројот на туристи и ноќевања е рекорден од година во година, но во просек уделот на туризмот во БДП во последните десетина години изнесуваше десетина отсто и обезбедуваше околу 60.000 работини места, наведе Јанша.