Јанша ни вели: Ја нема Херцеговина

Јанез Јанша/ Фото Архива на Слободен печат

За разлика од Додик и Човиќ, кои, покрај европските орбани, имаат и сојузници во пријателска Русија, БиХ во светот се потпира на правдољубиви опозиционери, доживотни идеалисти кои веруваат во вистината и правдата. Нашата дипломатија е невидлива и неинвентивна

Деновиве се крена голема прашина откако беше објавен познатиот нон-пејпер за исчезнувањето на Босна и Херцеговина или, поточно, неговото враќање во најтешката, воена 1993 година и територијата што со натчовечки напори ја бранеше Армијата на Република БиХ во тоа време. Креаторите на новата мапа на Западен Балкан уважиле и некои подоцнежни војни, но како и да ги прочитате овие територијални прекројувања, јасно е како ден дека мапата е создадена во најцрните десничарски кругови, оние кои ликуваа заради распадот на поранешна Југославија и чијшто ангажман во времето на 90-тите години беше доволно мрачен што на смртта, убиствата, прогоните врз цивилите и на концентрационите логори гледаа како на колатерална штета на патот кон остварувањето на сопствените амбиции.

Затоа, не верувам дека е случајно што токму Јанез Јанша ја презеде улогата на дистрибутер и (ко)автор во создавањето на овој нон-пејпер. Сегашниот словенечки премиер се прослави со омразата на сè што претставуваше поранешна Југославија, а кариерата ја градеше врз принципи од кои секој чесен човек се ужаснува – од кражби, преку корупција, до пресметка со сите вредности на цивилизираниот свет. Сепак, Јанша, како и секогаш, е само портпарол, избран и затоа што само словенечките граници на посакуваниот Балкан остануваат непроменети, така што тој, наводно, има кредибилитет да се залага за трајни решенија.

Весна Пусиќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска, најдобро разбира колку е сериозна и опасна таа амбиција, кога предупредува дека ѓаволското семе е веќе посеано, но дека е сосема несфатливо како ваков документ може да се најде во дипломатска пошта.

 Тој божем би ја бранел БиХ, а другите божем не му даваат

Ќе дојдеме и до тоа, но ми се чини дека најважно е да се справиме со состојбата на свеста во оваа земја, без никакво сомневање, најголемата жртва на мапите од дипломатската пошта. Босна и Херцеговина одамна стана „Апсурдистан“, чија власт се натпреварува да ја докаже сопствената немоќ и дисфункционалноста на државата.

Пред петнаесетина дена, нашиот претседател на Советот на министри, Зоран Тегелтија, самодопадливо му се закани на Меѓународниот монетарен фонд за заемот од 1,5 милијарди, за што самиот тој одбива да го потпише Писмото за намери и да ги прифати условите што колоквијално ги нарекуваме неопходни реформи. Министерката за надворешни работи, Бисера Турковиќ, пак, се присетува дека таа е потпретседател на Советот на министри само кога со придружба оди на шопинг во Бинго, а министерката за граѓански работи, Анкица Гудеjeевиќ – заедно со неа – стана позната по попречувањето на набавката на вакцини за коронавирусот.

Претседателот на државното претседателство, Милорад Додик, не крие дека е подготвен по секоја цена – вклучително и војна – да ја истурка својата идеја за мирен распад. Драган Човиќ, водачот на ХДЗ БиХ и голем сојузник на Додик, година и пол ги блокира сите процеси во Федерацијата, барајќи радикални измени на Изборниот закон, видно незадоволен што нема своја епархија, парче од земја каде би ја употребил својата сила со оној интензитет со кој тоа го прави Додик во Република Српска. „Сараевските унитаристи“, како што ги нарекува Човиќ партиите со седиште во главниот град на БиХ, или „политичкото Сараево“ како што ги именува Додик, се забавуваат со топлината на јорганите и се прилично незаинтересирани за остатокот од земјата. Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, пак, би сакал божем да ја брани БиХ, а другите божем не му дозволуваат, да го парафразирам оној несреќен војник на ЈНА од тнр. словенечки фронт на почетокот на војните на Милошевиќ на Балканот.

 Јанши, орбани и вишеградски групи

Во реалноста, политичкиот плурализам со кој се гордее Сараево, помешан со идејата за клептоманство на СДА, ја нема Босна и Херцеговина на ниту една мапа, најмногу затоа што се согласува со матрицата на СДА, која себеси си ги припишува заслугите за заштита на државноста на БиХ. Затоа, сеќавањето неизбежно ме враќа на една прослава на Денот на армијата, во Националниот театар во воената 1994 година, кога генералот Расим Делиќ, тогашен командант на Генералштабот на АРБиХ, ја пофали СДА во одбраната на земјата, а Алија Изетбеговиќ одговори: Босна и Херцеговина беше одбранета благодарение на својот народ и таму каде што СДА не беше ни основана.

Подоцна, и таткото Изетбеговиќ (делумно) ја смени музиката, но никогаш – дури и во годините кога започна исламизацијата на АРБиХ – не пропушташе да ги спомне заслугите на Србите, Хрватите и сите не-Бошњаци кои загинаа бранејќи ја БиХ. На крајот на краиштата, ова е причината што неодамна починатиот Јован Дивјак во своето последно писмо до војниците на АРБиХ рече дека имаат причина да се гордеат со оние вредности што ги бранеа за време на четиригодишната агресија врз нашата земја.

Денес, овие вредности останаа без нивните политички застапници и токму затоа разни јанши, орбани и вишеградски групи го препознаваат својот момент да ја распарталат Босна и Херцеговина.

 Отстапките се неминовни

Затоа, не е тајна дека мапата испратена со дипломатска пошта е создадена во кујната на десното крило, па дури и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја нарекува „срање“, што веројатно треба да се сфати како негов однос кон поголема Хрватска, голема Албанија и најголема Србија. Но, ние не можеме да бидеме француски собарки, па да не ги препознаваме причините за сеењето на ѓаволското семе.

Во дипломатијата, златното правило е средниот пат, што во овој случај веројатно треба да значи дека картата за мирно распаѓање на БиХ ќе биде отстранета, доколку отстапките во Изборниот закон на БиХ бидат направени на зелената маса, за што Хрватска веќе доби европски десничарски сојузници со кои Европската Унија и така не знае што да прави. Не случајно, последната офанзива врз БиХ започна пред сериозните разговори на новата американска администрација со ЕУ, сметајќи дека работата треба да се заврши и пред – меѓу другото – писмото што Ентони Бликен го испрати до членовите на Претседателството на нашата земја. Блинкен беше јасен: реформите во Изборниот закон на БиХ бараат и ограничени уставни реформи, но не треба да се има големи амбиции. Преговорите на терен ги водат Јохан Сатлер, шеф на Делегацијата на ЕУ во БиХ, и американскиот амбасадор Ерик Нелсон, и веќе е јасно, од лавината што падна на нив двајцата, дека ниту Човиќ, ниту Додик се задоволни, а Изетбеговиќ, притиснат во борбата за опстанок на СДА, нема храброст за отстапки. А тие се неминовни, од сите (завојувани) страни.

 Невидливиот руски рај

За разлика од Додик и Човиќ, кои, покрај европските орбани, имаат и сојузници во пријателска Русија, БиХ во светот се потпира на правдољубиви опозиционери, доживотни идеалисти кои веруваат во вистината и правдата. Нашата дипломатија е невидлива и неинвентивна, веќе споменатата министерка Турковиќ не се сретна со добар дел од соработниците на Џо Бајден ниту за време на војната, а во мир тие средби се неостварливи за неа. Во оваа земја, на сериозни чекори кон НАТО сојузот најгласно инсистираат Жељко Комшиќ и медиумите, кои рускиот амбасадор во БиХ се обидува да ги просветли. Амбасадорот Игор Калабухов за едно е во право: поборниците на НАТО алијансата во БиХ најмногу ја сакаат безбедноста на земјата, па затоа и не се согласувам со него дека таа безбедност е пекол. Бидејќи во политиката кон БиХ не го гледам рајот што го нудат Русите, со нескриена поддршка за оние чиј личен идеал е да ги прецртаат туѓите граници.

Босна и Херцеговина се соочува со тешки предизвици, позициите на Брисел и Вашингтон се јасно на нејзина страна, но доколку сака да ја добие оваа битка, Сараево мора да се вклучи и да покаже дека е посилен од Вишеград.

 Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Иво Јосиповиќ: Во нон-пејперот станува збор за целосно уништување на БиХ

Иво Јосиповиќ/ Фото: EPA/MICHAEL REYNOLDS

Поранешниот претседател на Република Хрватска вели дека, кога станува збор за БиХ, принудувањето на какво било решение што не е договорено во БиХ, значи повикување на тешки конфликти, можеби дури и вооружени.

„Но, овој наводен нон-пејпер има многу тешки проблеми во коренот на БиХ што таа не успева да ги реши и претставува сериозно предупредување за политичките елити во БиХ дека тие мора да најдат одговори на прашањата што јасно ги нарушуваат внатрешните односи на БиХ и го попречуваат нејзиниот влез во ЕУ. Мислам дека повеќе разбирање за меѓусебните стравови и фрустрации и поголема подготвеност за компромис би било корисно за зајакнување на БиХ. Но, барањето одговори и компромиси е прашање на БиХ и нејзините политичари.“

„Всушност, [во нон-пејперот] станува збор за целосно уништување на БиХ, која би исчезнала како држава каква што постои денес и која би била поделена на три етнички обележани територии, од кои две, порано или подоцна, би се придружиле на други држави. Оние кои сонуваат за тоа, всушност подготвуваат кошмар за сите нас и тргнуваат во неодговорна авантура чиј исход е тешко да се предвиди. Само, сигурно е дека резултатот не може да биде добар“, смета Јосиповиќ.

Харис Силајџиќ: БиХ е стара европска држава, но тоа очигледно не се вклопува во сценаријата за Балканот

Харис Силајџиќ/ Фото: CARL COURT / AFP / Profimedia

Поранешниот член на Претседателството на БиХ вели дека историскиот контекст ќе фрли светлина на фактот дека Босна и Херцеговина е стара европска држава во која успешно се одржува оригиналниот модел на интеграција „суи генерис“.

„Оваа босанска парадигма на соживот очигледно не се вклопува во сценариото подготвено за Балканот. Треба да се објасни како таква држава и такво општество биле можни во средниот век, а не во 21 век. Каде исчезнаа вредностите на вклученост, прифаќање на различните, мултикултурализам, мултиконфесионализам, толеранција… скоро преку ноќ? Или тие беа само прогласи принудени од ситуацијата.

Следува дека Европа ја достигна својата крајна цел со формирање на национални држави и има намера да остане зад националните ѕидови наспроти предизвиците на времето. А парадоксот на нашето време е дека има ѕидовите на земјата што одделуваат и сајбер просторот што поврзува сè. Во природата на ѕидот е да падне, а во природата на историскиот тренд е да има продолжение.

Бесрамно му се препорачува и на Балканот: конечно да се формираат национални држави, без оглед на жртвите, да се остане зад ѕидовите слушајќи ги мелодиите на истост во монолитна, монологна, монохроматска заедница, без оглед на катаклизмата и предупредувањата од првата половина на минатиот век. Како се осмелува БиХ да се спротивстави, застанувајќи во одбрана на оние вредности за кои се залага Европа“, прашува Силајџиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот