Јанша го нарече прилогот за неговата влада на германската телевизија лажна пропаганда

Словенечки премиер Јанез Јанша/Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Словенечкиот премиер Јанез Јанша „не им остана должен“ ниту на странските новинари кои негативно пишуваат за неговата влада, па виенскиот дописник на германската телевизиска мрежа АРД го обвини на Твитер дека шири лажна пропаганда во стилот на некогашните гласила во нацистичка Германија и поранешниот  Советски Сојуз.

„Николаус Нојмлер, направивте цензура во стилот на „Правда“ и „Дер Штурмер“, исклучувајќи од вашиот прилог за Словенија речиси се што не се согласуваше со вашата еднострана агенда“, напиша Јанша во пораката на Твитер до дописникот на АРД (Здружение на јавни дифузни станици на Сојузна Република Германија).

Тој му рече дека е „срамота“ и за АРД, која, според проценката на Јанша, објави пристрасен напис, и за неговото дописништво во Виена, кое ја опфаќа Словенија и други земји во Југоисточна Европа, пренесе Хина.

Во извештајот за односот на владата на Јанша кон новинарите и медиумите, објавен на германската телевизија, новинарот ги пренесе изјавите на неколку словенечки соговорници, меѓу кои и некои блиски до Јанша. Сепак, главниот фокус на написот беше ставен на критиките кон владата на Јанша и неговиот притисок врз домашните медиуми, како и кавгите со странски новинари кои го компромитираа Јанша во последните месеци.

Словенечкиот премиер користеше остра реторика и ги обвини новинарите за ширење „нарачани лаги“ кои не биле втемелени во реалноста, се наведува во прилог на тезата за загриженоста дека лидерот кој напаѓа новинари доаѓа од земјата што ќе го преземе претседателство со Советот на Европската унија.

Редакцијата на АРД го брани својот новинар кој пишуваше на оваа тема, наведувајќи дека тврдењата на Јанша за цензурата и лагите се целосно неосновани, дека обидот за дискредитација на независното новинарство со несоодветни историски споредби е „целосно неприфатлив“.

„Дер Штурмер“, кој Јанша го споменува во својот твит, беше нацистички весник во Германија на Хитлер, а дневниот весник „Правда“ беше орган на Централниот комитет на Комунистичката партија за време на поранешниот СССР.

Извор: Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот