Јанева: Се колнам дека не сум примила пари од некој за да му биде олеснета положбата на Камчев

Под секоја одговорност можам да потврдам дека не сум му понудила на Орце Камчев некоја поволност да се спаси како осомничен ниту како сведок

Освен “Империја”, обвинителката Лиле Стефанова сакаше да отвори уште четири нови предмети. Не се знаеше кога доаѓаме, а кога си одиме дома. Работа имаше премногу. Во почетокот на 2019 година бев болна, но и без разлика на тоа, мене моите колеги постојано ме известуваа што и како работат, изјави Катица Јанева на денешното рочиште во случајот “Рекет.

– После одлуката на Врховниот суд кога беа запрени низа истраги, не знаев како да си отидам дома. Ударот беше многу голем. На сите тие неприспиени ноќи одлуката на Врховниот суд беше шамар за сите нас. Имавме многу предмети, а ние не знаевме што да правиме. Меѓу колегите имаше разочараност, бидејќи беше оценето дека тие не се овластени да постапуваат. Им реков на колегите дека нас сакаат да не затворат, а тие не сакаа да се откажат од своите предмети – нагласи Јанева.

Таа рече дека ни еден предмет од тие 240 кои тие ги работеле, немал напредок после предавањето во ОЈО.

– Тие што ние ги стававме во куќен притвор, Врховен ги ослободи. Јас сум девет месеци во притвор во мојата земја во која ми е моето семејство, мојот дом, моето сè. Продолжи предметот “Империја”. За четири гаранции јас дадов негативно мислење. За барањето на Камчев да биде пуштен во домашен притвор јас дадов негативно мислење. Но, судот тоа не го прифати. И во Гевгелија, на работа и во станот каде што живеев што најдоа? Најдоа само слики од внуката и ништо друго. Орце Камчев два пати беше одбиван да му се вратат македонскиот и бугарски пасош. Јас само дадов согласност за времен пасош. Судот го враќа пасошот, не ние – нагласи Јанева.

таа рече дека на низа обвинети кои во законска постапка побарале да им се даде времена патна исправа тоа било одобрено.

– Под секоја одговорност можам да потврдам дека не сум му понудила на Орце Камчев некоја поволност да се спаси како осомничен ниту како сведок. Тој само сакаше да соработува и инсистираше. Оваа постапка против мене е монтирана. Хајката против мене е монтирана од исказот на Орце Камчев. Се надевам дека предметите кои од СЈО се предадени во ОЈО ќе завршат како што треба. Се колнам дека не сум примила пари од некој за да му биде олеснета положбата на Орце Камчев. Тоа е чиста шпекулација за да се спаси обвинетиот Камчев. Ако треба за сите обвинети јас да одговарам еве ме ќе одговарам – нагласи Јанева.

Таа рече дека во мај 2019 година и било јасно дека СЈО треба да се укине и да се спои со редовното обвинителство, на што таа се противела.

– Барам да бидам ослободена, а оставам аманет на колегите никогаш да не потклекнат и да “истрчаат” да поднесат брзо обвинение – рече Јанева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот