Јанева: Не само Бојан Јовановски, и други го злоупотребиле моето име!

Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Најодговорно тврдам дека не сум ја злоупотребувала должноста ниту свесно, ниту несвесно, ниту  со сторување, ниту со несторување не сум ја злоупотребила должноста која во моментов се уште ја извршувам, изјави денеска Катица Јанева на прес конференција на новинарите.

„Ги охрабрувам правосудните органи да го разрешат случајот „Рекет“. Како и сите други јавни лица политичари, функционери и останати сум имала контакт со лицето Бојан Јовановски. Очекувам низ транспарентна постапка дека ке се разреши оваа ситуација. Не само Бојан Јовановски и други го злоупотребувале моето име, рече Јанева

Таа смета дека со депонирањето на оставката нема да влијае на случајот „Рекет“, а како што рече граѓаните ќе направат разлика од она што значи да си чист пред законот и некој што бега од правдата.

Рече дека во подолг временски период до неа допираат гласови оти не само Бојан Јовановски туку и многу други без да знае, го злоупотребувале нејзиното име и презиме за различни цели.

Јанева вели дека била свесна дека со преземањето на оваа функција ќе биде цел на различни напади и политички препукувања.

– Од моментот на изборот за специјален јавен обвинител, мојата професионална биографија, приватниот живот и моето семејство беа цел на постојани напади со девалвирање и инволвирањето во дневно-политичките препукувања. Не сакам да оставам погрешен впечаток. Се нафатив на функцијата специјален обвинител во тешки околности, свесна дека ќе бидам цел на напади за моја лична дискредитација, рече Јанева.

Повикот да и се служи на државата, како што рече Јанева, и да предводи исклучително професионален тим што се занимава со висока корупција каде се инволвирани највисоки државни функционери, е сериозна чест и мнoгу голема одговорност.

Таа и се извини на јавноста што подолг период не излегла во јавноста иако, како што посочи, не и било лесно да го следи јавниот линч.

– Решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија, рече Јанева.

Потсети дека веќе ја има депонирано оставката, што ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение за статусот на СЈО.

– Ја поднесов оставката зашто не сакам да бидам користена за нечие алиби за европските интеграции, но потврдувам дека нема на никаков начин да влијаам на конечниот исход на случајот „Рекет”. СЈО е поголемо и позначајно од мојата сегашна функција, беше е и верувам дека ќе остане симбол на беспоштедна битка против високата корупција и криминал. Оставам во наследство десетина затворени истраги, подготвени за брзо процесирање. Тие предмети ќе и дадат одговор на јавноста зошто некој со сите сили се убедуваше да го спречи мојот реизбор и со невидена медиумска хајка се обидува  да го загрози и кредибилитетот на СЈО, заклучи Јанева во изјавата за медиумите дадена во СЈО.

На крајот Јанева не одговараше на прашања од новинарите туку си замина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот