Jанева на боледување во Гевгелија, СЈО со „врзани раце“

Катица Јанева не е во Скопје, туку во родната Гевгелија од каде што дојде кога беше именувана за шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), дознава „Слободен печат“. Таа веќе една недела е на боледување. Јанева пак, како што дознаваме, е на медикаменти и ѝ е препорачан одмор.

Докторката која ѝ го напишала боледувањето тоа го сторила на 15 овој месец, односно минатиот понеделник, а ден подоцна Јанева писмено ги известила надлежните служби во Обвинителството дека е на боледување. Безмалку два дена по отворањето на боледувањето докторката, која го отворила боледувањето, заминала на одмор во Бугарија.

Како што извести и самото СЈО, минатиот петок Јанева ги известила колегите дека поднесува оставка, а неколку минути подоцна нејзината оставка како писмено соопштение беше јавно објавена на сајтот на обвинителството.

Додека Јанева се лекува во Гевгелија, нејзините колеги во СЈО се на тешки маки. Нејзините две заменички, обвинителките Ленче Ристоска и Бети Јосифовска немаат законски и правни овластувања да потпишат никаков важен документ, односно не можат да „мрднат ниту со прст“, а згора на сè, не можат да потпишат ниту налог за исплата на плата. Сите главни овластувања засега ги има обвинителката во оставка, Катица Јанева.

Два часа по нејзината оставка на граничниот преминот „Богородица“ беше уапсен Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Во исто време во Скопје беше уапсен и неговиот пријател Зоран Милески, познат како Зоки Кичеец, кој заедно со Јовановски од Обвинителството за организиран криминал и корупција се осомничени во аферата „Рекет“.

Двајцата, според ОЈО, изнудувале пари од бизнисмени и други лица, а меѓу оштетените бил и Орце Камчев, обвинетиот во случајот „Империја“ на СЈО. Додека траеше транспортот на Јовановски кон Скопје, истражители на ОЈО ѝ го одзеле службениот телефон на обвинителката Катица Јанева, а за вториот телефонски број ОЈО располага со исказ дека наводно синот на Јанева го изгубил во Белград.

Токму денеска во Одделот за форензика при МВР заврши вештачењето на телефонот на Јанева. Целосниот извештај од вештачењето се очекуваа денеска да ѝ биде доставен на обвинителката Вилма Рускоска која го води овој случај. Рускоска пак во изјава за „Слободен печат“ изјави дека иако ѝ бил земен телефонот, Јанева ниту се јавила ниту пак прашала во ОЈО по која основа ѝ е конфискуван телефонот.

Шефовите на ОЈО неколкупати за медиумите изјавија дека таргет засега не е Катица Јанева туку нејзиниот телефон. Рускоска деновиве призна дека под посебни истражни мерки биле Јовановски и Милески, а од страна на ОЈО не била побарана посебна истражна мерка за Катица Јанева, нагласувајќи дека таа не била следена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот