Јаловиот Совет за безбедност на ОН заталка во ќорсокакот на Лигата на нациите

Обединети нации шлемови / Фото EPA/MARCELO SAYÃO

Уште пред руската инвазија врз Украина, Томас Вајс го постави прашањето „Ќе беше ли светот подобар без ОН?“, на кое светот со децении нема одговор

Неефикасноста на Обединетите нации 75 години по нивното основање го поттикнаа истакнатиот експерт за меѓународни односи Томас Вајс за наслов за својата нова книга да го употреби прашањето што гласно или тивко го поставуваат многумина во светот: „Ќе беше ли светот подобар без ОН?“.

Вајс во книгата претпоставува во која насока би се движел светот ако лидерите на сојузничките сили – Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин – не се согласеле дека е неопходно ново светско тело, по Лигата на нациите, што ќе треба да се грижи за мирот и запирање конфликти за да се спречи нова светска војна. Тој ги истакнува предностите и слабостите на тело како ОН, неговите успеси и потфрлања, без да наметнува дефинитивен суд, туку нудејќи две паралелни алтернативни истории – каков би бил светот на почетокот на новиот милениум ако ги немало Обединетите нации и каков би можел да биде ако светската организација во првите 70 години од своето постоење била покреативна и поефикасна? Дали светот ќе бил поопасен, позагаден, повоинствен, понестабилен или посиромашен отколку што е денес?

Тие прашања беа поставени две години пред руската воена инвазија врз Украина, врз која Обединетите нации, светската организација задолжена да обезбедува мир, немаше никакво влијание, ако се изземат напорите за извоз на жита од завојуваните земји.

Обединети нации / Фото EPA-EFE/ALESSANDRO DELLA VALLE

Фрустрациите на Гутереш

Војната е веројатно последната тревога за темелна реформа на Обединетите нации. Тоа го признава и генералниот секретар Антонио Гутереш, кој обраќајќи им се на лидерите на седумте најразвиени демократии во Хирошима порача дека Советот за безбедност мора да биде преуреден за да одговора на новите предизвици, а не за оние од 1945 година, кога беше дефиниран.

– Глобалната финансиска архитектура на Советот за безбедност на ОН одамна е застарена, нефункционална и неправедна. Соочен со економските шокови од пандемијата на ковид-19 и на руската инвазија врз Украина, тој не успеа да ги исполни своите основни обврски како глобална безбедносна мрежа – изјави Гутереш во Хирошима.

На самитот јапонскиот домаќин Фумио Кишида покани гости од Индија, Југоисточна Азија, Јужна Америка, Африка и од пацифичките земји, но не учествуваа големите сили – Кина и Русија, кои како постојани членки со право на вето имаат огромна одговорност за улогата на Советот за безбедност на ОН. Гутереш ги пренесе неговите лични фрустрации дека не е направено доволно за да се реформираат застарените институции, како и фрустрациите на „глобалниот југ“ дека во светското семејство не може да се слушне гласот на земјите во развој.

Светот денес значително се разликува од оној пред три децении, а камоли од оној во 1945 година. До 1980 година лидерите на Г-7 претставуваа земји чиј заеднички бруто-национален производ беше поголем од сите други земји заедно. Денес тој е 29,9 отсто, а Кина наскоро ќе стане водечка економска сила во светот. По нагорен пат чекори и Индија, чија економија бележи стабилен раст од 6 отсто. Двете најнаселени земји во светот годинава ќе бидат заслужни за 50 отсто од очекуваниот глобален раст, предвидуваат проекциите на Меѓународниот монетарен фонд.

Поранешниот генерален секретар Даг Хамарскјелд своевремено изјави дека „Обединетите нации не биле создадени за да ги вознесат луѓето во рајот, туку да го спасат човештвото од пеколот“, потсетувајќи на пеколните ужаси од двете светски војни, кои, сепак, се повторуваат во Украина. Русија очекувано го користеше своето право на вето за да го блокира Советот за безбедност да има какво било влијание врз „специјалната операција“, како што ја нарекува Москва.

Ни дејствува, ни се самораспушта

Украинскиот претседател отворено ја повика светската организација „да дејствува или да се самораспушти“. Ниту едното ниту второто е возможно. Американскиот претседател Џо Бајден ги поддржа повиците за проширување на составот на извршното тело на ОН, како обид за надминување на блокадите.

– Членките на Советот за безбедност, вклучувајќи ги и САД, треба постојано да ја бранат Повелбата на Обединетите нации и да се воздржуваат од употреба на правото на вето, освен во исклучително ретки и вонредни ситуации, за да обезбедат Советот да остане кредибилен и ефикасен. САД ги поддржуваат иницијативите за зголемување на бројот и на постојани и на непостојани претставници во Советот. Тоа значи постојано членство за нациите што долго време ги поддржуваме и постојано членство за земји од Африка, Латонска Америка и Карибите – изјави Бајден во своето обраќање на Генералното собрание на ОН во септември. Тоа ги охрабри земјите од „Глобалниот југ“, како и нациите што одамна тврдат дека треба постојано да бидат застапени во Советот за безбедност – Бразил, Германија, Индија, Јапонија, Кенија, Мексико, Нигерија и Јужна Африка.

Но, таква реформа на Обединетите нации е многу тежок и долг процес. Во случајот на Лигата на нациите, која не успеа да ја спречи Втората светска војна, како попрактично решение се наметна целосно укинување на телото и воспоставувањето на сосема ново, што наследи само една институција – Светската организација за труд.

Советот за безбедност е најмоќниот орган на Обединетите нации, со главна одговорност да ги чува меѓународниот мир и безбедноста. За да ги оствари овие цели, Повелбата му дава на Советот право да интервенира за надминување спорови, да спроведува истраги и да бара решенија преку преговори, посредство и разни други мирољубиви иницијативи, но и да воведуваат санкции и да одобрат употреба на сила ако тоа е неопходно да се воспостави мир. Сите членки на Он се обврзани „целосно да ги прифатат и да ги спроведуваат одлуките на Советот за безбедност“. Најголемите земји што беа на победничката страна во Втората светска војна, сепак, имаат важна привилегија. САД, СССР, Република Кина (Тајван), Обединетото Кралство и Франција добија постојано членство и право на вето.

Проширување на масата

Првата голема иницијатива за темелна реформа на Советот за безбедност беше по колапсот на Советскиот Сојуз и крајот на Студената војна. За реформа, потребно е да се изгласаат промени во Повелбата на ОН, а тоа може да се направи само со двотретинско мнозинство гласови во Генералното собрание со 193 суверени држави, но вклучувајќи ги и петте постојани членки на Советот за безбедност. Во 78-годишната историја на Повелбата на ОН усвоени се само пет амандмани, последниот во 1973 година.

Пoголемите реформи беа вклучувањето на Народна Република Кина на местото на Тајван во 1971 година и проширување на Советот од 11 на вкупно 15 членки во 1963 година. Русија многу подоцна ја наследи привилегијата што пред своето распаѓање ја имаше Советскиот Сојуз. Но, и во времето на СССР, а и потоа петте привилегирани членки повеќе го користеа правото на вето за да ги заштитат своите интереси отколку да блокираат одлука на Советот што не води кон решавање на проблемот.

Сите други иницијативи биле блокирани, наспроти обемните промени во светот и проширувањето на Обединетите нации од оригиналните 51 на вкупно 193 членки. Речиси 50 од членките никогаш досега не биле во Советот за безбедност ни како привремени членки. Големата четворка (Бразил, Германија, Индија и Јапонија) постојано меѓусебно ги поддржуваат напорите за да бидат меѓу постојаните членки на ОН. Подоцна со сопствени блокови им се спротивставија Италија и Африканската унија. Трите блока бараат Советот да биде проширен на 25 или 26 членки, при што право на вето би имале 11. Денес постојано учество во Советот за безбедност бараат и Аргентина, Мексико, Пакистан, Индонезија, Египет, Нигерија, Кенија и Јужна Африка.

Денес не се отфрла можноста за проширување на бројот на непостојани членки во Советот, но незамисливо е дека би можело да има двотретинска поддршка за укинување на правото на вето или за негово проширување на повеќе членки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот