Јалдз Веапоска пак излезе од судница без да дојдат лекарите што ѝ извадија матка, јајник и бубрег

Оштетената пациентка Јалдз Веапоска/Фото: Слободен печат

Во судот во Струга повторно се одложи рочиштето по кривичната пријава на Јалдз Веапоска, медицинска сестра од Дебар која во струшката болница се породи со царски рез и при таа медицинска интервенција ѝ беа извадени матката, јајник и бубрег. Не се појавија двајца од тројцата обвинети лекари, а рочиштето се одложи за 24 јануари во 10 часот. Претходно судењето не почна ни во јуни, по што судијата што го водеше предметот се пензионираше, па се чекаше друг да го преземе. И во двата наврати, лекарите не се појавуваа.

Како дел од судската постапка, Институтот за судска медицина изработи медицинско вештачење за случајот, потпишано од тројца лекари судски вештаци со децениски стаж, а завршено е уште во февруари на барање на Обвинителството.

Со вештачењето се бара да се одговори за секој од осомничените дали примениле подобен начин на лекување, дали постапиле несовесно при лекувањето и со тоа довеле до влошување на здравствената состојба, дали постои причинско последична врска меѓу несовесното постапување и неподобното лекување со вадењето на органите, дали морало така да се постапи, дали со вадењето на органите дошло до тешко оштетување на здравјето на оштетената и дали ако не се отстранеле органите можело да дојде до потешки последици по здравјето на оштетената. За оваа цел судски вештаци направиле детален увид во списите на предметот и во медицинската документација, и го донеле следниот наод односно мислење:

Несовесноста и примената на очигледно неподобен начин и средство на лекување кај Веапоска се гледа во постапките на здравствените работници кога варирањето на крвниот притисок и варијациите на бројот на крвни елементи и хемоглобин бил решаван само со заместителна терапија.

Воопшто не е обрнато внимание на причината зошто се случува тоа, туку била давана терапија за надоместување течност и крвни елементи. Нема никакви податоци во медицинската документација дека е направен гинеколошки преглед кај оштетената да се види дали губи крв низ вагината, дали е со потекло од матката ниту пак ултразвучен преглед да се утврди од каде е губењето на крв. Нема никаков податок дека нешто сериозно е преземено за влошувањето на нејзината здравствена состојба освен што е давана заместителна терапија. Исто така, иако здравствената состојба кај Веапоска се влошувала и не била стабилна, и третиот и четвртиот постоперативен ден воопшто немала редовна и честа контрола на крвниот притисок и лабораториските вредност ина крвната слика. Мерки да се види причината за влошувањето на здравствената состојба биле преземени дури откако таа паднала во шок зашто изгубила огромно количество крв по што дури тогаш бил направен ултразвук и веднаш била почната нова операција!

Вештаци од судска медицина, според документот кој го поседува нашата редакција, констатираат дека влошувањето на здравствената состојба кај Веапоска до степен да биде загрозен нејзиниот живот, настанала заради оштетување на левата бубрежна артерија при изедување на царскиот рез. Заклучокот дека артеријата е оштетена за време на царскиот рез произлегува од два факти. Едниот е дека влошувањето на здравствената состојба почнува по царскиот рез што се гледа преку лабораториските наоди, висината на крвниот притисок и пулсот. Вториот факт е тоа што кај Веапоска никогаш не биле констатирани никакви заболувања во крвните садови кои би довеле до спонтано прскање на бубрежната артерија. Очигледно е дека оштетаната според симптоматологијата што ја имала и лабораториските наоди, крварела. Основен проблем и пропуст во лекувањето на Веапоска е непреземањето никакви мерки да се открие од каде крвави и која е причината за крвозагубата, пишува во вештачењето од Судска медицина.

Затоа може со сигурност да се тврди дека постои причинско последична врска меѓу постапките на лекарите и влошувањето на здравствената состојба на Веапоска, пишува во медицинското вештачење.

Понатаму во него се продолжува:

„По утврдувањето на тешката состојба кај Веапоска, пак се направени пропусти односно погрешно се поставени дијагнози. Оперативните зафати не го решиле проблемот односно матката и левиот јајник не е јасно зошто се извадени бидејќи според наодот од институтот за патологија нема никакви повреди на овие органи. Не е јасно зошто се отстранети матката и јајникот бидејќи главното крвавење било во просторот зад стомачната марамица каде матката и јајникот не се наоѓаат“.

Изворот на крвавење, според вештачењето од Судска медицина, бил пронајден за време на втората интервенција а тоа е оштетување на бубрежната артерија а заради неможност да се реконструира артеријата морало да се подврзе и отстрани и левиот бубрег. Оваа постапка била неопходна за да се спаси животот на Веапоска. Сепак и оваа постапка не довела до санирање на состојбата бидејќи на КТ снимањето в оСкопје, утврдено е дека на местото на подврзување активно се излева контраст, што значи дека подврзаниот крвен сад не бил добро подврзан и крвавењето не престанало, навдуваат од Судска медицина. На ова укажува и оперативниот наод од Клиниката за урологија каде во просторот зад стомачната марамица се нашле и биле евакуирани крвни коагулуми и дополнително била подврзана вена од јајникот.

Што се однесува до прашањето за индивидуална одговорност на здравствените работници, од судска медицина во вештачењето кажале дека:Одговорноста за здравјето на оштетената е на целиот медициски персонал од лекари оператори, анестезиолози и останатиот медицински персонал кои учествувале во лекувањето според својата струка. Сепак на прво место според нив е одговорноста на гинеколозите кои го направиле царскиот рез. Со тоа не се ослободуваат од одговорност останатите здравствени работници кои понатаму биле должни да ја следат состојбата на оштетената.

„Со ова сакаме да кажеме дека гинеколозите кои ја извеле операцијата не можат да бидат 24 часа на работа и дека се единствено одговорни за текот на постоперативниот период. Немало континуирана и правилна комуникација меѓу здравствените работници ниту некој сериозно ја сфатил лошата здравствена состојба на Веапоска, особено што сакале да ја испишат на домашно лекување со изразот дека е испишана во добра здравствена состојба. Единствениот лекар кој постапил правилно е тој што го направил ултразвучниот преглед пред да ја испишат оштетената и кој сигнализирал дека нешто критично се случува како и лекарите од ТОАРИЛУЦ и УК за Урологија во Скопје кои го спасиле животот на оштетената“, се вели во вештачењето.

Понатаму како заклучок што се изведува во вештачењето е тоа дека основна причина за влошување на здравствената состојба на Веапоска е тоа што и била оштетена левата бубрежна артерија при царскиот рез. После тоа не се преземени никакви мерки за утврдувањае на причината за лошата здравствена состојба и давана е заместителна терапија со што дополнително ја влошиле состојбата и задоцниле со реакцијата. Матката и левиот јајник се отстранети без медицинска причина додека бубрегот морало да биде отстранет заради неможноста да се реконструира повредената лева бубрежна артерија, пишува во вештачењето.

За крај во документот се вели дека доколку навремено биле преземени мерки за откривање на причината за лошата здравствена состојба со сигурност ќе се избегнело отстранувањето на матката, бубрегот и јајникот и можноста за спасување на левиот бубрег би била многу поголема. Здравствената состојба на Веапоска во тој случај не би била критична, со потреба од интернзивно лекување и нова операција.

Индивидуалната одговорност треба да ја одреди судот ама таа лежи првенствено кај лекарите кои го извршиле породувањето а потоа и кај тие што ја следеле оштетената. Дури и кога ја откриле причината, операцијата била погрешно изведена, бидејќи причините за крварењето не биле до крај отстранети. Слободно можеме да констатираме дека лекарот кој го направил ултразвучниот преглед и кој сигнализирал дека состојбата е критична и лекарите од Скопје го спасиле животот на оштетената, пишува во вештачењето.

Видео на денот