Јакшиќ за МИА: Зад нон-пејперот стои европската националистичка десница која работи на проектот и треба да внимаваме

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Појавувањето на нон-пејперот кој „наводно” словенечкиот премиер Јанез Јанша го има доставено на Брисел, предизвика полемика во регионот. За овој проект, кој беше објавен и во српските медиуми, имаше дискусија, а официјалниот став на Белград беше презентиран преку изјавата на претседателот Александар Вучиќ, кој изјави дека нема видено никаква мапа, ниту план.

– Јас немам видено никаква карта, никаков план. Фактот дека на некои не им одговара да зборуваат за тоа, но би сакале да и го припишат тоа на Србија, кажува многу повеќе за нив отколку за нас. Јас не сум некој што лажно ќе обвини некого… Премиерот Јанша е отворен човек – двајцата имавме сосема спротивни ставови, сепак тој е многу искусен политичар, изјави Вучиќ.

За тоа кој е ставот на јавноста во Србија за нон пејперот МИА разговараше во Белград со познатиот аналитичар и колумнист Бошко Јакшиќ.

Господине Јакшиќ, говориме за нон-пејпер, кој стои зад овој план, што е неговата суштина?

– Колку и да мислевме дека прекројувањето на границите на Западен Блакан е завршена работа со прогласувањето на независнота на Косово, деновиве повторно се појави некој нов картограф кој вели дека тие не се добри и дека треба да се направи некоја голема Србија, голема Албанија и нешто поголема Хрватска, дека треба потполно да се минимизира БиХ, која би била на границата на исчезнување и сето ова што се појави не е случајно.

Она што сум длабоко убеден е дека зад тој проект, кој му е даден на Јанез Јанша да го напише, и во кој еден ваков текст има најверојатно уште некои коавтори, се крие европската националистичка десница, која повторно ја релативизира старата идеја дека меѓуетничките и мултиетничките држави се извор на проблем, а дека само чистите етнички држави можат да донесат мир. На Балканот тоа е невозможно и сите се согласуваат дека од овој проект нема да биде ништо.

Но, поентата е дека се јавуваат вакви гласови, дека тие се организираат. Само да се присетиме неодамна дека премиерите на Унгарија и на Полска, заедно со лидерот на италијанската Леге, потпишаа договор, во кој засега први кандидати за влез во него се Бојко Борисов и Јанез Јанша, може да заклучиме дека сите тие работат. Зато треба да внимаваме!

Како сето тоа може да се изведе. Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се во НАТО. Дали НАТО е гарант на границите и мирот?

– НАТО би требало да биде гарант. Во дадениот однос на сили каков е сега, мислам дека тој проект е нераелен. Но симтоматично е, на пример, Советот на Европа во 2008 година остро регираше кога се споменуваа слични идеи кои доаѓаа од европски кругови, од круговите на ЕУ. Овојпат Советот на Европа пропушти остро да реагира. Дури и главните актери, на голема Србија, на голема Албанија, и нешто поголема Хрватска, реагираа многу доцна и според мене реагираа „благо”. Тие не реагираа остро, а најострите рекации дојдоа од таму каде што таквиот проект би довел до најсериозни последици, а тоа беше Сараево. Лидерите на Србија и на Хрватска, го осудија и рекоа дека се против, но без некој голем ентузијазам. Премиерот на Албанија, Еди Рама беше доста непрепознатлив во целата оваа ситуација.

Така да овој нон-пејпер е лансиран или како пробен балон или ова е некоја тактичка аналитика на која веќе се работи, бидејќи во него како што се наведува, овие работи се во тек и на нив се работи. Се поставува само прашањето кој тука може да победи. Повторувам, сегашниот однос на сили, на националистичката десница на Европа, здружена каква е и, сеуште не во состојба да реализира еден таков проект, кој би бил погубен за Западниот Балкан.

Познат е ставот на официјален Белград за овој нон-пејпер. Кој е ставот на политичката јавност во Србија за овој проект?

– Кога говориме за политичката јавност во Србија, треба да го напоменеме фактот што ние сме една поларизирана земја. Па според тоа имаме барем две политички јавности во Србија.

Една онаа клеронационалистичка, која ни по која било цена не го дава Косово и која сонува за голема Србија и секако дека кај нив овие идеи предизвикуваат радост.

Втората Србија, онаа која е свесна на сите ризици што може да донесе една таква одлука, секако е против и се надевам дека ќе бара сојузници за да се зајакне фронтот на продирањето на европската десница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот