Јакимовски втор ден како градоначалник, влезе во војна со медиумите

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски пристигна пред судот/ Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска, по завршеното судско рочиште кое беше одложено, ги нападна медиумите.

„Повеќе од две години сум по судските врати и никогаш немало медиумска заинтересираност. Денешното рочиште беше медиумски однапред најавувано и пред судот и внатре ме чекаа 15-тина камери. Јасно дека се организирани од еден центар. Па нели вака правеше режимот? Очекувам и наративот во извештаите да биде со иста или слична содржина“, напиша Јакимовски на Фејсбук.

Според него, јасно е дека некој не можел да се помири со поразот на локалните избори.

„Откако одлучив да се кандидирам на 16 февруари 2013 година до денес ми претат со затвор и постојано се обидуваат да ја остварат својата цел. Нема проблем ние ќе одиме по затвори, ако треба и да умреме, да молчиме, само тие да не работат, да уживаат, да седат по кафани и да си земаат тоа што мислат дека е нивно. Е сега повторно сме им криви и јас и народот. Јасно ми е како ден, секој ден ќе ме плукаат, ќе ме навредуваат, ќе ме прогонуваат како што правеа од 2013 до 2017 година, ќе држат пресови и протести пред вратите на општината и пак ќе бидам црн ѓавол, а јас им пружив рака и јавно им пратив покана за соработка. Нека тие мене со камења а јас нив со леб!“, додаде Јакимовски.

Јакимовски денеска седна во обвинителна клупа за случајот во кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување. Тој вчера ја презеде функцијата градоначалник на Општина Карпош.

Јакимовски седна на обвинителна клупа

Видео на денот