Јакимовски: Никогаш не сум ја злоупотребил функцијата, ме гонат зошто знаат дека моите резултати се недостижни

Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Поранешниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој вчера најави дека повторно влегува во трка за функцијата, во вечерашното гостување на телевизијата Канал 5 изјави дека никогаш во својата кариера не ја злоупотребил службената положба.

Обвинението против него, покренато уште во 2018 година за бесправно градење и незаконска легализација на градби во неговиот последен мандат на функцијата, според Јакимовски, е обид да се спречи неговата повторна кандидатура во Карпош.

„Јас никогаш не сум ја злоупотребил службената положба, ниту ќе ја злоупотребам, иако во кариерата имам потпишано преку 950 милиони евра и никогаш не сум имал ни прекршочна, а камоли кривична пријава. Јас сум симбол на политичкиот прогон, што граѓаните можеа и да видат, а целата операција што беше во тој период за да се поднесат одредени кривични пријави беше токму да не дојдеме до ваква ситуација, односно да не дојде до повторна можност за моја кандидатура, затоа што беа свесни дека резултатите што беа постигнати во Карпош се недостижни. Таа битка со кривични пријави и прогон што го имавме, беше битка против резултатите, а не против Стевчо Јакимовски“, рече тој.

Јакимовски додаде дека очекува сигурен влез во вториот круг, како и дека Карпош „заслужува европска кампања“ за претстојните избори, во кои тој ќе се бори за нов мандат против Душко Весковски од СДСМ, како и против кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, кој допрва треба да биде откриен.

Видео на денот