Јагма за вакцините: На Европа очајно и требаат, Америка ги има ама не ги дава

EPA EFE
Вакцина Фајзер против ковид-19 / фото: ЕПА

Европската унија навидум добро организирана, им даде надеж на Европјаните, дури и на оние кои не се во нејзините рамки дека ќе добијат вакцини против ковид-19 и дека од почетокот на година ќе може малку да се здивне после тешките месеци кога земјите беа во сериозни проблеми, со крахирана економија и јавно здравство, премногу заболени и галопирачки бројки на смртни случаи.

Но ЕУ не успеа да ги обезбеди ветените 2,6 милијарди дози вакцини и значително заостанува во спроведувањето на процесот на вакцинација каскајќи зад екс членката Велика Британија и Америка. Соочени и со недовербата од граѓаните, одделни земји од Унијата не успеваат да ги потрошат ниту количествата вакцини до кои дошле.

Во една таква ситуација вирусот секојдневно продолжува да одзема нови животи, се откриваат нови и поопасни соеви и на епидемијата ниту од далеку не и се гледа крајот.

Уште во петокот италијанскиот премиер Марио Драги и угледниот германски Институт за инфективни болести Роберт Кох потврдија дека нивните земји веќе се во третиот бран од пандемијата. Веќе во понеденик Италија ќе воведе поостри мерки, а целосен карантин во земјата се очекува за велигденскиот викенд.

Од друга страна и земјите од централна и источна Европа кои во текот на првиот бран мошне успешно се справија со пандемијата, сега се многу тешко погодени. Во Полска и Унгарија епидемијата зема замав, а Чешка и Словачка се вброија меѓу земјите со највисока стапка на смртност по глава на жител во светот.

АстраЗенека / Фото: EPA/DRAGO PRVULOVIC SWEDEN OUT

Ваквиот исход никој не очекуваше, а најмалку Европската унија кога во јуни ја објави „Европската стратегија за забрзување на развојот, производството и примена на ефикасни и сигурни вакцини против ковид-19“.

Тогаш дури и и се потсмеваа на Велика Британија зошто, како членка на заминување не го прифатила повикот од Брисел да се приклучи кон централизираната шема на набавка на вакцини за целиот блок. Девет месеци подоцна на насловната страна на германски Билд осамна наслов: „Драга Британијо, ви завидуваме“.

Овие зборови дојдоа од земјата на чие чело е научничката Ангела Меркел и која на почетокот на пандемијата изгледаше како пример за ефикасно постапување со здравствена криза.

Каде се згреши?

Дебатата во Германија стана жестоко исполитизирана пред општите избори во септември. Генералниот секретар на Социјалдемократската партија, огорчен изборен ривал на Христијанско-демократската унија на канцеларката Меркел, објави дека Германија никогаш не смеела да дозволи Европската комисија да купува вакцини во нејзино име. Вицеканцеларот Олаф Шолц, наводно, го опишал планот за вакцинација на ЕУ како „тотално зае*ан“.

Фото: EPA-EFE/FRANCISCO SECO / POOL

Од друга страна, лидерите на европските земји најавија дека ќе бараат и одговорност од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, поради фактот што испораките на вакцините договорени со производителите беа одложени и таа е под притисок да си даде оставка. Европските политичари и гласачите едноставно сакаа да знаат зошто Велика Британија успеа да ги добие сите свои вакцини, а ЕУ не.

Но, полека расположението на ЕУ почнува да се менува. Во одбрана на Фон дер Лајен која призна, иако со задоцнување, дека направила грешки, застанаа и некои членови кои изјавија дека делат вината затоа што Брисел ги консултирал пред да преговара со производителите во нивно име.

Дипломат од ЕУ за Би-Би-Си изјави дека е разбирлива фрустрацијата што ја чувствуваат Европејците.

– Не сакаме нашите најблиски да бидат изложени на вирусот, додека луѓето во другите делови на светот се заштитени со вакцини до кои не можеме да пристапиме – рече тој, но додаде дека Комисијата завршила „одлична работа“.

Можеше ли подобро?

– Несомнено. Но сложеноста на ЕУ има своја цена, рече тој.

Критиките до Комисијата се дека премногу бирократски пристапувала кон договори со производители и премногу се фокусирала на „АстраЗенека“, која пак неочекувано и го сврте грбот на ЕУ.

Фото: EPA-EFE/Fernando Bizerra

Сепак, доброупатените извори тврдат дека ваквиот однос бил пред се поради цената која ја понудила АстраЗенека за разлика од Фајзер чии вакцини биле поскапи и многу земји сметале дека Германија која која преку нивната фирма Бионтек учествува во правењето на оваа вакцина, сака да заработи на тие договори.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во петокот ја обвини Комисијата дека не дистрибуира вакцини според големината на населението, како што беше ветено, туку како на пазар.

Од друга страна, Европската агенција за лекови (ЕМА) постојано добива критики дека „бавно“ ги одобрува вакцините.

Сега, кога земјите од ЕУ покажаа интерес за вакцини од Русија и, во помала мера и од Кина, словачкиот премиер Игор Матович објави дека сака да испрати „мала порака до шефицата на ЕМА“: „Почитувана Криста, сите ќе бевме многу среќни ако си го промените работното време во наредните месеци во 24 часа дневно и 7 дена во неделата. И да одобрувате вакцини не за три месеци, туку за три недели. Прашање е на живот и смрт.

Америка складира вакцини, ама не ги дава

Од другата страна на Океанот, администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден моментално располага со складирани десетина милиони дози вакцини, чие одобрување во Америка останува неизвесно, што ги фрустрира сојузничките светски сили кои велат дека тие дози треба да се искористат за спасување животи во странство.

Фото: EPA-EFE/LUCA ZENNARO

Така вакцината „АстраЗенека“ доби дозвола за итни случаи од Европската унија и Светската здравствена организација, но не и од американските регулатори. Многу сојузнички земји сега вршат притисок врз Бајден да ги раздели залихите од вакцината, потсетувајќи го дека има доволно дози од три веќе одобрени вакцини (Фајзер, Модерна и Џонсон и Џонсон) за покривање на возрасната американска популација до мај и целата популација до крајот на јули. Многумина сметаат дека од ова американско грчево задржување на вишокот дози ќе има корист само геополитичките ривали Русија и Кина.

„АстраЗенека“ тврди дека американските вакцини се „во сопственост“ на американската влада и дека за испраќање во странство ќе биде потребно одобрување од Белата куќа.

Иако ЕУ е желна да воспостави плодна трансатлантска врска по мандатот на Доналд Трамп, некои во Европа сметаат дека пристапот на Бајден кон вакцините е продолжение на политиката на Трамп „Прво Америка“.

Фото: EPA-EFE/MORRY GASH / POOL

Над 10 милиони дози вакцина „АстраЗенека“ се чуваат во САД, додека британско-шведскиот фармацевтски гигант повторува дека поради проблемите со производството и ограничувањата на извозот дополнително ќе ги намалат планираните испораки на вакцини во ЕУ. Компанијата во саботата предупреди дека се соочува со недостатоци во европскиот синџир на снабдување поради „пониските резултати од очекуваните во производствениот процес“ и се надева дека делумно ќе го надомести снабдувањето со вакцини од нејзината глобална мрежа.

Бајден неодамна рече дека вакцините ќе ги подели со остатокот од светот само доколку се појави вишок откако ќе се подмират потребите на сите Американци. Поради ова САД се критикувани од соседи Канада и Мексико кои беа принудени да бараат вакцини произведени на други континенти, наместо да се потпираат на нивниот прв сосед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот