Јадат државен леб, а шират црна пропаганда, лажат и клеветат

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Игранката е многу поголема, добро е организирана и има висок буџет. И не се во прашање само лажните вести и говорот на омразата, туку и безбедноста. Ако тоа го знае чаршијата, институциите мора уште подобро да го знаат. 

Јавно ги повикувам истражните органи, МВР, ОЈО и други релевантни институции, државните комисии за заштита од дискриминацијата и за спречување на корупцијата, вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, како и раководствата и соодветните дисциплински комисии во институциите, јавните претпријатија и установи (кој колку е надлежен), да преземат решителни чекори за санкционирање на сите поединци кои своето работно место во јавната администрација го злоупотребуваат на различни начини, за да креираат и дистрибуираат лажни вести, дезинформации и говор на омразата.

За почеток, ги повикувам да преземат итни чекори за почитување на етичкиот кодекс кој го донесе Владата и кој сите вработени во јавниот сектор се обврзани да го почитуваат – од премиерот и министрите, до последниот вработен во администрацијата. Воедно, да се повикаат и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да го применат. Барем тоа не е тешко, лесни четива се, а последиците од мерките предвидени со овие правни документи се благи, неспоредливи со последиците од дејствувањето на оние за кои зборувам овде.

Многу примери

Не е потребен голем труд да се откријат поединци и групи кои, скриени зад своите работни места во администрацијата (дел од нив и на високи и одговорни позиции), спротивно на законите, професионалните стандарди и етиката, секојдневно се занимаваат со ширење навреди, клевети, лажни вести и говор на омразата. Лесно може да се утврди дали тоа го прават во работно време, користејќи службени ресурси за своите активности. Исто така, лесно може да се утврди дали и колку ги злоупотребуваат личните податоци на луѓето што ги напаѓаат во своите смислени операции за дискредитација и жестоки навреди и клевети на социјалните мрежи и во медиумите.

Само еден од многуте примери: Агенцијата за заштита на личните податоци своевремено (одвај) донесе едно решение за заштита на личните податоци од мојата лична карта која беше објавена во одредени медиуми и социјални профили, со пораки полни со омраза и повици за егзекуција. Решението не беше спроведено и никому ништо. Наместо тоа, административци (па и полицајци) продолжуваат со анонимна кампања против новинари, уредници, медиуми и организации на граѓанското општество. Ова е само мал пример, навистина. Го употребувам за да дадам лесна и очигледна илустрација, поткрепена со официјален документ кој е достапен во архивата на споменатата агенција.

Овој повик секако може да се прошири и на лица кои се на високи раководни позиции во администрацијата или се под униформа на Армијата, кои отворено и јавно дејствуваат против институции или поединци. Имам и лични примери за ова, може лесно да се провери со прелистување на мои претходни написи. Еве, да не се почувствува заборавен, меѓу нив е и еден претседател на Кривичен суд. Но денеска ќе се задржам „само“ на оние што дејствуваат анонимно, скриени зад своите бироа или униформи, дадени од државата, платени од граѓан(к)ите.

Одамна не е тајна дека лица кои работат во македонската полиција паралелно се занимаваат со црна пропаганда и со уривање на угледот и достоинството на институциите каде што работат, но и со клевети, навреди и говор на омразата упатен против активисти за човекови права, новинари и интелектуалци. Зарем е тешко, на пример, Внатрешната контрола при МВР да открие такви лица во сопствените редови? Познати се, дури и со име и презиме, лица кои администрираат Фејсбук профили, па и веб страници или се дел од „креативните“ тимови на тие гнезда на лагите и омразата. Се разбира, во таа „креатива“ учествуваат и пратеници, партиски функционери, нивни пријатели и членови на блиското семејство.

Се очекува контранапад

Освен во МВР, вакви поединци и организирани групи може да се најдат и меѓу вработените во одбраната, образовниот систем, здравството, јавните претпријатија и установи, јавниот медиумски сервис, државните агенции, регулаторните тела и во други делови на администрацијата на локално и национално ниво.

Вработените во буџетските институции и установи имаат обврска да се грижат за безбедноста и добробитта на граѓанките и граѓаните, а не да ги злоупотребуваат своите работни места за валкана политичка пресметка со неистомислениците на центрите на моќта на кои им слугуваат од добро познати причини и мотиви.

Затоа, ги повикувам релевантните институции да не направат ништо друго освен да ја исполнат својата законска обврска, да му стават крај на ова крајно неодговорно однесување на тие што шират црна пропаганда, лажат и клеветат, а истовремено живеат врз грбот на граѓанките и граѓаните. Чесно би било барем да си дадат или да добијат отказ.

Мене ми е јасно дека овој мој повик сега ќе биде предмет на контранапад со уште повеќе говор на омраза, навреди и клевети, во спрега со „Оливери“ медиумите, но искрено се надевам дека институциите конечно ќе започнат со својата работа. Не поради мене, туку поради јавниот интерес за кој се обврзани да работат.

Игранката е многу поголема, добро е организирана и има висок буџет. И не се во прашање само лажните вести и говорот на омразата, туку и безбедноста. Ако тоа го знае чаршијата, институциите мора уште подобро да го знаат.

3,2,1… Земете длабок здив и почнете со работа. Додека не стане доцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот