Јаболкото на раздорот ги бранува балканските духови

Благојче Атанасоски

Негирањето на нашето уставно име од страна на јужниот сосед, негирањето на нашиот идентитет, јазикот и македонскиот мемориски историски код од страна на источните соседи, се само логичен след на историските собитија што се случувале во изминатиот век и половина.

Најблаго кажано, непристојно и невкусно е да помислите да го ставите на маса прашањето за националниот идентитет на цел народ. Токму тоа што го бараат нашите источни соседи, да го „признаеме“ нивното толкување за нашиот македонски идентитет кој бил „бугарски“ до 1944 година, а потоа, преку ноќ со една државна, но и интернационална (коминтерновска) одлука, бил пресоздаден во македонски, антипод на бугарскиот. Неверојатни небулози! Македонската нација била вештачка творба! Да, ама и бугарската е исто така вештачка, и грчката, албанската, сите европски, и најмоќната – американска! Нациите се вештачки социоконструктивистички творби, кои настанале во 19, некои и во 20 век, кои во сообразност со историските прилики подоцна ја заокружиле својата државност. Негирањето на нашето уставно име од страна на јужниот сосед, негирањето на нашиот национален идентитет, македонскиот јазик, и македонскиот мемориски историски код од страна на источните соседи, се само логичен след на историските собитија кои се случувале на овие простори во изминатиот век и половина.

Трите вистини за Македонија!

За да ги разбереме најдобро ставовите на сите три засегнати страни во историскиот спор за Македонија, треба да направиме хипотетички историски времеплов и да се вратиме пред Балканските војни, во кои судбината на етногеографската територија Македонија, го фати тој историски правец на развој на „три историски вистини“ за неа – грчката, бугарската и нашата, македонска, кои меѓусебно се спротивставуваат, негираат и се исклучуваат. Денеска секој државен наратив ја претставува само својата „историска вистина“, својата историска приказна, поткрепена со историско толкување на настаните, ликовите, делата и „фактите“. Јас велам вака: доколку великите сили, во предвечерието на распадот на петвековната Отоманска Империја, на зелена маса, некаде во Лондон, Берлин, Париз, можеби и во Букурешт, решеле со својата моќ, влијание и авторитет како „кукловоди кои ги управувале конците“, со судбината на малите раскарани балкански народи да создадат автономно кнежество Македонија, во целокупноста на нејзините (замислени), етногеографски граници, и понатаму како логичен след на настаните да се формирала македонска (етнополитичка) нација, со сите свои атрибути на државност, голема е веројатноста дека денеска јужниот сосед ќе немаше имагинарен, нереален проблем со нашето уставно име; а драстично помалку Бугарите би имале проблем со нашиот национален/ етнички и јазичен идентитет. Великите сили, воено-политичкото решение за кинење на етногеографската територија на Македонија, кое го поттикнуваа, аминуваа и го одобрија во Букурешт во 1913, а потаму и во Версај 1919 година, беше дипломатско „решение“ со кое тие сметаа дека ќе се постави баланс и траен мир помеѓу апетитните балкански државички за заграбување на последните остатоци од Отоманската Империја на Балканот, но најмногу со фрлено око кон територијата на Македонија (Вардарската долина, градот Солун како најголемото пристаниште и излезот на Егејското Море), како стратешки точки на амбицирање на монархистичките фамилии на трите балкански државички. Всушност, одлуката за создавање и признавање на албанската држава во Лондон 1912 година е во тој дух, овој пат за да се спречи создавање на голема српска и голема грчка држава, а со тоа и создавање на голем дисбаланс помеѓу воената, економската и територијална надмоќ на една или две земји над другите.

Исправка на историската грешка од Букурешт

Таа „брилијантна“ одлука на великите сили од Букурешт се покажа како недобитна за балканската шаховска табла, бидејќи не само што не се постигна мир, туку се создаде траен немир и незадоволство од распределбата на териториите (Бугарија), за да се војува со желба да се исправат „историските неправди“ од Букурешт. Тие неправди, делумно, навистина беа исправени по завршувањето на Втората светска војна, кога во новоформираната СФР Југославија, на маршалот и другарот Тито, за првпат на Македонците им беше признаено и дозволено правото на себеидентификација, самореализација и за национално-културна еманципација на своите вековни простори. Но, само на еден свој дел, вардарскиот, заграбен од српското кралство во виорот на Балканските војни. Да, формирањето на Македонија како држава, а со тоа и на македонската политичка нација, и овој пат е одлука на великите сили, како одговор на децениските војни и напрегања помеѓу двата закрвени соседи – Бугарија и Србија, за тоа кој го има „историското право и легитимитет врз Македонија“. Таа и таква Македонија им се виде како најдобар баланс помеѓу овие две соседни земји, па светските сили одлучија Македонија да не биде ниту српска, ама ниту бугарска. Тоа не значи дека е создадена преку ноќ, по волјата на Тито и на Сталин, без таа одлука на „создавање“ да има историски легитимитет и интегритет. Во суштина, тоа е само признавање и потврдување на природното право на самоопределување. Истото такво, кое со помош на Руската Империја, Бугарите го изборија и го добија во 1878 година, после големата руско-турска војна, и поразот на Османлиите во неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот