Ја освоија локалната власт, а пак „цицаат“ од централната

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Но, не е само затоплувањето во надлежност на градот, туку во најголема мера и загадувањето на воздухот кој и оваа зима нѐ труе, исто како и во времето на претходниот градоначалник.

ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори ветувајќи ефикасно менаџирање со општините, излегување во пресрет на потребите на граѓаните, големи проекти со кои ќе им се подобри животот на населението, а нивните градоначалници веднаш штом седнаа на фотељите побараа помош и пари од централната власт. Од истата онаа за која нивното раководство секојдневно истура товар обвинувања за некадарност.

Уште зимата не ги покажала своите заби, а ЗЕЛС, предводен од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, нема никаква програма за решавање на проблемот со затоплувањето на скопјани и на другите општини.

Иако во предизборието најавуваше дека за сѐ постои решение, само требало добро да се изменаџираат работите, кога се сочи со потешкотии на терен, спас побара од Владата. „Владата да преземе одговорност и да им помогне на општините“, рече Данела Арсовска, оценувајќи ја состојбата како алармантна и предупреди за можна редукција на услугите.

Мандатарот Ковачевски за проблемот со парното греење ја обвини неажурноста на градските власти, но сепак најави мерки за решавање на настанатата состојба. „Владата нема да дозволи жителите на Скопје да останат без парно греење зимава. Целата инфраструктура и услугата за затоплување со парно греење е во надлежност на градот Скопје и тој требал да предвиди мерки коишто, очигледно, не се предвидени“, вели Ковачевски.

Иако Градот Скопје и општините во склоп на градот се надлежни за создавање услови за континуирано снабдување со топлинска енергија, Владата, поради нивно непреземање мерки за справување со настанатата состојба, повторно излезе во пресрет на граѓаните, со цел обезбедување континуитет и сигурност во снабдувањето со топлинска енергија.

Имено, граѓаните во Скопје и општините во градот нема да плаќаат повисоки сметки за парно, бидејќи Владата нуди да плати 80 отсто и предлага општините да ги доплатат останатите 20 отсто од зголемениот дел од сметката. Тоа, практично, значи дека Владата во име на потрошувачите кои се корисници на топлинска енергија, односно домаќинствата и јавните институции, средствата ќе ги уплати на БЕГ, а БЕГ ќе ги намали сметките на потрошувачите.

Министерството за финансии обезбеди поволен кредит од 8 милиони евра со кои БЕГ може да набави гас за парно греење за скопјани, вели мандатарот Димитар Ковачевски и додава дека за кредитот БЕГ треба да понуди гаранција според пазарни банкарски услуги. Ако тоа не се случи, Ковачевски кажа дека се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите кои имаат лиценци за обезбедување топлинска енергија.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, најави дека БЕГ може да остане и без лиценца ако не испорача топлинска енергија за скопјани.

Но, не е само затоплувањето во надлежност на градот, туку во најголема мера и загадувањето на воздухот кој и оваа зима нѐ труе, исто како и во времето на претходниот градоначалник. Но, новата локална власт, откако стана власт, сфати дека „загадувањето произлегувало од повеќе сегменти“, дека проблемот со решавање на загадувањето на воздухот е системски проблем и дека решението треба да дојде од Владата!

Па, нели Шилегов беше виновникот? Од каде сега Владата е надлежна?!

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска како најголем успех во намалување на загадувањето го смета чистењето на дивите депонии. „Активно за два месеци“, како што рече, „имаме исчистено над 120 депонии“.

Можеби исчисти депонии, ама воздухот не го исчисти и ние пак се труеме со загаден воздух.

Арсовска и барањата на приватните јавни превозници ќе ги доставела пред Владата со цел да се изнајде решение со кое ќе им се помогне. За нови автобуси во ЈСП, пак, градот секако нема пари.

Станува очигледно дека тоа е и стратегијата на опозицијата: да владеат локално, ама проблемите на граѓаните да ги решава централната власт.

Ако, пак, Владата таа тоа не го прави, тогаш се „потребни предвремени парламентарни избори и избор на нова влада која ќе се бори против загадувањето на воздухот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Што би се рекло: „На Запад ништо ново, на Истоку старите приказни!“

 

Видео на денот