Извозниците се плашат од продлабочување на рецесијата

Галопирачкиот есенски бран на коронавирусот низ целиот свет може да предизвика двојно подлабока рецесија, а тоа значи дека претходните знаци на стабилизација на економските параметри биле лажни.

Ваквиот развој на ситуацијата нема да нѐ заобиколи и нас, поради големото значење што го имаат извозните компании за земјава, предупредува Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, а кој е и генерален директор на германската фабрика во Охрид, „Костал“.

Во Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство членуваат компании што обезбедуваат 60 отсто од македонскиот извоз. Најголем дел од компаниите се поврзани со автомобилската индустрија.

– Иако сме на почетокот на октомври, состојбата со пандемијата создава загриженост и кај компаниите во Македонија. Нема да правиме споредба со реализацијата од минатата година, бидејќи оваа година е многу специфична. Па, затоа, може да се каже дека досега нема да реализираме 20 проценти од производствениот план за оваа година. Континуирано ја следиме состојбата во светот и со воведувањето нови карантини во одредени земји, блокираните граници и речиси минималниот проток на луѓе, драстично се намалува интересот за купување луксузни стоки, какви што се автомобилите – резимира Мизо.

Стравот од неизвесноста и загубените приходи не е само наша карактеристика, тоа ќе се случува во целиот свет и затоа се оценува дека најдоцна ќе заздрави автомобилската индустрија, како најлуксузна. По пролетниот бран, се подобри ситуацијата во однос на набавките на репроматеријали и суровини, но се поставува прашањето за кого сега ќе произведуваат фабриките, ако светот повторно се затвори.

– Не се проблем луѓето што имаат многу пари, нив кризава многу не ги погаѓа. Но, најголемиот дел од оние што спаѓаат во среднониската и во средновисоката класа, сега не размислуваат за поголема потрошувачка – вели Мизо.

Загубите во автомобилската индустрија се огромни, за што сведочи податокот за извозот од компаниите во зоните, кој во јануари бил помал за 21 процент, во февруари за 3,1, а во март за 16,8 проценти. Во првите пет месеци од година извозот од фабриките од зоните е помал за 38,9 проценти во однос на истиот период лани. Во тој контекст, Мизо, ја истакнува потребата од добро осмислени мерки за поддршка на големите и извозно ориентирани компании, додавајќи дека не може да се применуваат исти аршини за странските извозни компании со напредна технологија и малите бизниси.

Мизо: Ги почитуваме протоколите и не ни е нарушено производството

Мора да се почитуваат протоколите за работа за да се обезбеди редовно производство и покрај пандемијата, смета Виктор Мизо, генерален директор на германската фабрика во Охрид, „Костал“.

– Евидентно е дека вирусот во фабриките се внесува однадвор. Ние во „Костал“ имаме ангажирано лица што се задолжени за следење на здравствената состојба на вработените и, за среќа, бројот на заразени не го нарушува производството. Уште пред Владата да ја донесе најновата мерка за ограничување во јавниот превоз, како превентива веќе го редуциравме бројот на лица во автобусите од и до работното место – вели Мизо и објаснува дека просечната возраст во компанијата која брои 780 вработени е 35 години.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот