Извонредна завршница на мини-турнејата на Трпчески и Венгеров во Париз

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески ја заокружи мини-турнејата што опфати настапи со една од најголемите музички ѕвезди, легендарниот виолинист Максим Венгеров, на најпрестижните светски музички сцени.

По исклучителните концерти во лондонската сала „Барбикан“ и њујоршката „Карнеги хол“, на 27 јануари двајцата уметници ја одушевија и француската публика на концертот во салата на Париската филхармонија, изведувајќи дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. И овој пат на долготрајните аплаузи и стоечките овации, тандемот Венгеров-Трпчески возвратил со три изведби на бис, известија од „КултурОп“.

Во изјавите за МРТ, прославениот виолинист Максим Венгеров, добитник и на наградата „Греми“, ја истакнал извонредната соработка со македонскиот пијанист Симон Трпчески: „Одамна се знаеме со Симон и сме прекрасни пријатели од почеток. Со некои луѓе веднаш се воспоставува хемија и ова е таков случај. Долго време се надевавме дека ќе работиме заедно и еве се случија минатогодишниот настап во Белгија и оваа прекрасна мини тура концерти во Лондон, Њујорк и Париз. Ми беше позната комплетната работа на Симон и во него препознав многу сензитивен партнер. Навистина се надевам дека ќе свириме и во иднина, дека можеби ќе успееме нешто заеднички да снимиме, а и повторно би сакал да дојдам во неговата родна Македонија“, изјавил Венгеров.

Симон Трпчески и Максим Венгеров на сцената на Париската филхармонија / Фотографија: КултурОп

Трпчески, пак, возвратил на честа и задоволството да ја дели сцената со еден од најдобрите виолинисти на сите времиња. „Оваа година навистина не можеше да почне поубаво. Ова е доказ дека соништата се остваруваат – на најпрестижните сцени настапив со Максим Венгеров. Чест е да се настапи со него. Освен 40-годишната кариера, тука се и неговата едноставност и големо срце, што исто се чувствува на сцена во неговата исклучителна интерпретација на музиката. Се радувам што нашата искреност и фантастичното поврзување на сцената толку убаво беа препознаени и од публиката“, изјавил Трпчески, кого наредниот месец го очекуваат гостувања во Германија и Ерменија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот