Извинувања и прочка

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

На почеток, да бидам искрена, се лутев. Па што имам јас од тоа извини? Тргна возот побрзо? Не. Беше чекањето покусо? Не. Добив компензација? Не. Ама потоа човек се навикнува, и ако по некој случај не ви се извинат, ви станува чудно. Тоа главно значи дека – сте ја напуштиле земјата…На луѓето тука многу им значат извинувањата. Тие се дел од културата на однесување.

Ако нешто ја одликува земјата во која живеам, тоа се (меѓу другото), добрите манири. Добар ден, како сте, ве молам, благодарам, пријатно, простете, бевте љубезни, колку фино од ваша страна и „love, hon, sweetie, sweetheart, pet“ (срцка) во зависност од областа од која потекнуваат. Тоа станува толку дел од вашето секојдневие, што ви преоѓа во навика, ако не ви било претходно зацементирано од родителите, ама тука оди и во екстреми.

Па така, излегувате или влегувате во метро, некој ве нагазува, а вие велите: sorry – простете. Зошто добога, кога вие бевте згазнати, ни криви ни должни, а доказот е на вашата чизма од антилоп, во вид на отпечаток од планинарска кондура на високиот и прилично габаритен господин, кој, рака на срце, исто така кажа – sorry. Со таа разлика што тој фино и задоволно продолжи да маршира понатаму, а вие останавте да ги подзабришете солзите во очите (од болка) и да размислите со кој спреј ќе ја извадите флеката на чизмата од антилоп, која изгледа како да е направена од природен, рурален материјал.

Извинувањата се составен дел од животот тука. Возовите доцнат, па ќе слушнете на разглас: „драги патници, ви се извинуваме што возот за Брајтон доцни поради проблеми со сигнализацијата“. Чекате во тунел во метро, турканици во вагонот, стоите на една нога и ете на разгласот: „чекаме зелено светло да продолжиме понатаму, се извинуваме што чекате, веднаш штом ќе дознаеме кога ќе тргнеме, ќе ви кажеме“. „Висите“ на телефон чекајќи да разговарате со некој од пошта, телефони, греење, лекар, продавница, во позадина оди „лифт музика“ и најчесто женски глас кој вели „вашиот повик ни е важен, но имаме многу јавувања. Извинете што чекате. Ако останете на линија, некој ќе ви се јави“. И кога тој некој конечно, по често долго чекање ќе се јави, прво што ќе направи е – ќе ви се извини што чекавте.

На почеток, да бидам искрена, се лутев. Па што имам јас од тоа извини? Тргна возот побрзо? Не. Беше чекањето покусо? Не. Добив компензација? Не. Ме болеше ногата помалку (онаа згазнатата)? Не. Ама потоа човек се навикнува, и ако по некој случај не ви се извинат, ви станува чудно. Тоа главно значи дека – сте ја напуштиле земјата…На луѓето тука многу им значат извинувањата. Тие се дел од културата на однесување.

Но, ако премиерот Борис Џонсон мислеше дека „ќе помине“ со извинувањето во парламентот до британската јавност за забавата на која за време на локдаунот во 2020 година кога нареди никој да не можеше да мрдне од дома да посетува блиски, „бил само 25 минути, не знаел дека не треба да оди, никој не му кажал, тоа било работен состанок, случајно имало и пијалак и грицки и сиренце дека времето било убаво“. За  потоа, во следните денови да продолжи да се извинува за другите забави и квизови во локдаун времиња во Даунинг стрит 10 кога „убавото и сончево време ги измамуваше службениците, БоЏо и одредени министри од владата да јадат и да пијат во дворот за да се релаксираат со музика и диско ритми, додека ние другите се релаксиравме со посета на самопослуга, што сликовито покажа дека има едни правила за нив, а други за нас. Врв на непристојното однесување на Џонсон и неговите соработници сепак беше журката организирана еден ден пред погребот на сопругот на кралицата Елизабета Втора, принцот Филип. Забавата на БоЏо со алкохол и со музика не ја видовме, но светската јавност ја виде Елизабета Втора како седи осамена на погребот во аголот од црквата, со членови на најблиското семејство распоредени на другата страна, почитувајќи ги ковид мерките. Воспоставени од владата на Борис Џонсон. И, што направи премиерот? Се извини. И се извини на кралицата. Да не беше трагично, ќе беше смешно.

Се погласни се повиците за оставка на премиерот, не само од опозициските лидери, туку и од членови на неговата партија, конзервативната. Многумина сметаат дека угледот му е толку нарушен што нема веќе кредибилитет да биде сфатен сериозно. Ова со извинувањата почна да заличува на „boyfriends apology”, ми вели мојот пријател Ник, со кого често ја анализираме британската политичка сцена, сега со осврт на премиерските маки танталови. Какво ви е тоа извинување на дечкото, го прашувам. Па, кога ќе ја закашка работата со девојката, ја дозакашкува кога ќе и каже „извини за се што мислиш дека сум ти згрешил“! Ау! После сигурно има дискусија, тоа не минува така лесно…

Имаме и ние нешто слично, му велам, празник Прочка, кога еднаш во годината бараме простување за „се што сме згрешиле“, ама не набројуваме што, или затоа што долго ќе трае, или затоа што мислиме дека сме, главно безгрешни или она што сме го подзгрешиле не е вредно да се спомне. Борис Џонсон почна да набројува што се згрешил, за некои работи се извини, за други кажа дека не е сигурен дека згрешил, за трети дека не му кажале дека не треба да седи во дворот и да пијуцка  (аман бе БоЏо, зарем и ова треба некој да ти го каже), за четврти дека ќе почека да види дали истрагата ќе каже дали згрешил и дали го излажал парламентот. И се извини повеќе пати.

Дали Британците ќе му простат? Но, настрана Британците, она  што е уште поважно за неговата кариера, дали ќе му простат неговите? Доколку 54 пратеници испратат писма дека бараат изгласување  недоверба за премиерот, ќе има гласање со неповолни последици. По Џонсон. Се зборува дека има 10 писма, за во следите 24-48 часа ќе има повеќе од 54 писма. Се зборува за денот „Д“ за БоЏо. Се зборува дека всушност деновите му се избројани. Се зборува дека…Но настрана од она што се зборува. Она што го видовме деновиве беше збунет, засрамен, поразен  премиер со наведната глава кој се извинуваше и извинуваше  по којзнае кој пат. Како да почна да сфаќа дека сите да се согласни оти треба да си замине. Прашање е само колку брзо.

Кој ќе му прости? Е тоа е веќе друго прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот