Извештај на ОН: Светот годишно фрла една милијарда тони храна

Фото: mia.mk

Во светот секоја година се фрла скоро милијарда тони храна, или речиси 20 проценти од храната што им е достапна на жителите на светот, се вели во извештај на Обединетите нации објавен синоќа.

– Проблемот е огромен од еколошка, социјална и економска гледна точка, изјави Ричард Сванел, директор за развој на британската невладина организација ВРАП (WRAP), коавтор на „извештајот за индексот на фрлање на храна“ објавен од Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП).

– Овој извештај до денес е најсеопфатно собирање и анализа на податоците за фрлање храна, истакнуваат авторите. Податоците за 2019 година беа собрани во 54 богати и земји во развој во врска со малопродажбата, рестораните и домаќинствата.

Тие заклучија дека годишно се фрлаат 931 милиони тони храна, што не вклучува коски, школки и други делови што не се јадат.

Спротивно на популарното верување, храна се фрла во сите земји, и богати и сиромашни, додека според ОН, близу 700 милиони луѓе ширум светот се гладни, а три милијарди немаат пристап до здрава храна, од светската популација од 7,8 милијарди.

– Досега се веруваше дека храната се фрла во богатите земји. Но, нашиот извештај покажува дека во секоја земја што сме ја следеле, има проблем со фрлање храна во домаќинствата, рече коавторката Клементин О’Конор во УНЕП.

Од 121 килограм храна што секоја година се фрла по жител на Земјата, 74 килограми или многу повеќе од половина се фрлаат во домаќинствата.

Во процентот на храна достапна за потрошувачите, 11 проценти се фрла во домаќинства, пет проценти во ресторани и два проценти во малопродажба.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) состави извештај за „загубите” на храната на ниво на земјоделско производство и дистрибуција.

Според овие податоци, околу 14 проценти од светската храна се губи дури и пред да излезе на пазарот, во вредност од околу 400 милијарди долари годишно, или близу БДП на Австрија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот