Извештај на „Хјуман Рајтс Воч“ за 2021 година: Бајден да ја зајакне заштитата на човековите права во САД и во светот

Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Избраниот претседател на САД, Џо Бајден треба да соработува со лидерите на другите држави кои тежнеат кон заштита на човековите права ширум светот и тоа прашање да го зацементира во американската политика за да обезбеди неговите наследници да го следат истиот курс, наведува меѓународната организација „Хјуман рајтс воч” (Human Rights Watch) во Извештајот за 2021 година.

Извршниот директор на ХРВ, Кенер Рот во воведниот дел на Извештајот истакнува дека администрацијата на Бајден е со можност за фундаментална промена по прашањето за човековите права во светот „по четири години незаинтересираност, а често и непријателски став кон човековите права од американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, вклучително и неговото неодамнешно поттикнување на напад врз демократските процеси во Конгресот на САД”.

Непочитувањето на човековите права во САД од Трамп и неговата поддршка за пријателските автократи во светот тешко го нарушија кредибилитетот на САД во странство. Американските осуди за Венецуела, Куба или Иран не беа искрени со паралелните пофалби за Русија, Египет, Саудиска Арабија или Израел, посочи Рот.

Тој додаде дека другите влади ги препознале човековите права како важно прашање, дури и кога САД во голема мера се откажаа од нивна заштита, а моќните актери, како Кина и Русија настојуваа да го поткопаат глобалниот систем на човекови права.

Рот истакнува дека настанале нови коалиции за заштита на човековите права, наведувајќи го дејствувањето на јужноамериканските влада и Канада против Венецуела, инсистирањето на Организацијата за исламска соработка за заштита на Рохинџите во Мјанмар, активностите на голем број европски држави кон Белорусија, кон Саудиска Арабија, кон Сирија, кон Либија, кон Унгарија и кон Полска, како и се поголемата коалиција од држави подготвени да го осудат прогонот на муслиманските малцинства во Кина.

– Претходните четири години покажаа дека Вашингтон е важен, но не и незаменлив лидер во областа на човековите права. Голем број влади повлекувањето на Трамп го видоа како причина за одлучност отколку како очај и се ангажираа да ги заштитат човековите права, посочи Рот.

Тој наведе дека Бајден, кој ја презема должноста на 20 јануари, треба да заговара почитување на човековите права во САД додека работи на проширување на здравствената заштита, искоренувањето на системскиот расизам, сиромаштијата и гладта, борбата против климатските промени и ставање крај на дискриминацијата врз жените и врз припадниците на ЛГБТ заедницата.

– Бајден не може да гарантира дека идната американска администрација во текот на четири или осум години нема да направи нов пресврт по прашањето за човековите права, но може да преземе чекори за отежнување на тоа, посочи Рот.

Извршниот директор на ХРВ предлага Бајден да овозможи и кривична истрага против Трамп, за да покаже дека никој не е над начелото – владеење на правото.

Тој, исто така, предлага Бајден да ја ограничи воената помош или продажба на оружје на пријателските влади кои ги кршат човековите права, како што се Саудиска Арабија, Египет, Обединети Арапски Емирати и Израел, се додека не се подобри нивниот однос кон човековите права. А, исто така, да ги осуди Индија и Кина за поттикнување на дискриминацијата и насилството кон муслиманите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот