Извештај: Глобалното затоплување ќе ги уништи економиите на земјите во развој

Суша во Франција / Фото: EPA-EFE/SEBASTIEN NOGIER

БДП на 65-те најранливи земји ќе се намали во просек за 20 проценти до 2050 година и за 64 отсто до 2100 година доколку светот се загрее за 2,9 степени Целзиусови, се вели во извештај објавен денеска на климатскиот самит КОП26 во Глазгов.

Дури и ако глобалниот пораст на температурата се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, што е во согласност со најамбициозната цел на Парискиот договор, истите земји ќе претрпат удар врз БДП од 13 отсто до 2050 година и 33 проценти до крајот на векот, се вели во студијата нарачана од Кришчн Ејд (Christian Aid).

До денес, просечната температура на површината на Земјата е зголемена за 1,1 степени Целзиусови во споредба со нивоата од крајот на деветнаесеттиот век.

Наодите на Кришчн Ејд покажуваат дека на повеќе од една третина од земјите во светот итно им е потребна помош за градење отпорност за да можат нивните економии да ги издржат горештините, сушите, поплавите и бурите, кои стануваат поинтензивни и посмртоносни поради глобалното затоплување.

– Способноста на земјите од глобалниот југ одржливо да се развиваат е сериозно загрозена, изјави главниот автор Марина Андриевич од Универзитетот Хумболт во Берлин.

– Политичките избори што ги правиме сега се клучни за да се спречи понатамошна штета додаде таа.

Осум од десетте најпогодени земји се во Африка и две во Јужна Америка.

Сите 10 земји се соочуваат со штета врз БДП од повеќе од 70 проценти до 2100 година при сегашната траекторија на климатската политика и 40 проценти дури и ако глобалното затоплување е ограничено на 1,5°C.

Земјата која се соочува со најсериозни загуби во БДП е Судан, кој беспомошно доживеа поројни дождови и големи поплави во септември, кои погодија повеќе од 300.000 луѓе.

До 2050 година, БДП на земјата ќе се намали за 32 проценти, а до 2100 година – за 84 отсто, во споредба со ситуацијата во која би била доколку нема климатски промени.

Земјите опфатени со извештајот сочинуваат два клучни преговарачки блока на климатските разговори на ОН, кои траат до петок: Најмалку развиените земји и Алијансата на малите островски држави.

Малите островски држави се особено ранливи на бури, кои се влошуваат со зголемувањето на морската вода.

Студијата не ги зема предвид мерките за адаптација кои потенцијално би можеле да намалат дел од штетите.

Богатите влади досега издвојуваа само скромни суми за да им помогнат на сиромашните земји да се приспособат на климатските промени.

– Африка најмалку придонесе за климатските промени, но овој извештај покажува дека ќе се соочи со најлошите последици. Тоа е длабоко неправедно, рече Мохамед Аду, директор на тинк-тенк за клима и енергија со седиште во Најроби, Power Shift Africa.

Извор: МИА

Видео на денот