ИЗВЕШТАЈ: Дури 34 полицајци морале на психијатриски преглед

34 полицајци морале на психијатриски преглед, Фотомонтажа: Слободен печат/Иван Самарџиев

Поради незаконито постапување се поднесени 17 кривични пријави против 43 полицајци за 21 кривично дело.

Триесет и четири полицајци завршија на задолжителни психолошко-психијатриски прегледи, а на 33 им е одземено службеното оружје, откако Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) утврдил дека сториле дисциплински прекршок додека биле на работа. Овие незаконитости се забележани во извештаите за минатата година и во Извештајот за работата на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за првите три месеци од 2021 година.

Од 1.239 случаи колку што биле пријавени лани до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, во 929 предмети или кај повеќе од 75 отсто од поплаките од граѓани се утврдени неправилности. На 39 полицајци им е изречена суспензија.

Дури 17 кривични пријави против 43 полицајци за 21 кривично дело се поднесени за незаконито постапување. Притоа, 10 кривични се за злоупотреба на службената положба и овластување, три за малтретирање во вршење на службата и по една пријава за примање поткуп, фалсификување службена исправа, предизвикување општа опасност и послужување во службата.

Припадници на внатрешната контрола излегле на терен и при 50 сообраќајќи на вработени во МВР кои управувале возила на полицијата и во 11 случаи утврдиле дека не ги почитувале прописи кога настанала материјална штета, па за нив е отворена постапка за утврдување на материјалната одговорност. При 61 контрола во полициски објект,  четворица полицајци биле под дејство на алкохол на работно место, а еден полицаец одбил да биде тестиран за алкохол и избегал од работното место.

При контрола на три патарини во Скопскиот регион е откриено дека 10 полицајци ги злоупотребиле службените легитимации или употребиле звучни сигнали и светла, со цел да избегнат плаќање патарина, велат од МВР.

– За утврдените неправилности, внатрешната контрола на МВР против 307 вработени во МВР изрече задолжителна мерка за дисциплинска одговорност, а на 15 вработени во полицијата за причинета материјална штета им е изречена мерка за надоместок на штетата – велат од МВР.

Еден пијан, друг наместо на работа – во казино!

При проверката на полициските станици во Берово и во Делчево, внатрешната контрола открила дека полицаец, кој требало да биде на работното место, бил во казино, а друг полицаец додека бил во служба бил пијан со 2,45 промили во крвта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот