Изведувачките практики во урбан контекст се во фокус на фестивалот „Акто“

Во рамките на Фестивалот за современи уметности „Акто“ на 7 декември (среда), со почеток од 19 часот, во КСП „Центар – Јадро“ ќе се одржи јавна дискусија и интерактивно предавање на театарскиот колектив „Geheimagentur“ од Хамбург. Модератори на настанот ќе бидат Кристина Леловац и Филип Јовановски.

Во првиот дел од програмата Матијас Антон (Matthais Anton) и Јулиа Мунц (Julia Münz) od Хамбург, ќе ги споделат своите приказни за различни проекти на „Geheimagentur“ и пријателите. Ќе можат да се погледнат снимки од уметнички проекти во јавeн простор, училишта и театри во Хамбург, во Кина и на други места.

Во вториот дел од настанот ќе се одржи јавна дискусија на тема „Што е театар во овие интердисциплинарни пракси?“ како рефлексија на изведувачката интервенција во јавен простор „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“, премиерно изведена на 47. Млад отворен театар. Модераторка на дискусијата ќе биде Кристина Леловац, актерка, изведувачка и вонредна професорка по актерска игра на ФДУ.

Проектот „Градот како сцена – изгубени модернистички утопии“ е перформативна инсталација во јавен простор на авторите Филип Јовановски и Миодраг Куч, а премиерната изведна се случи на 19.11.2022 на 47. МОТ.

Во фокусот на проектот е „Домче“, можеби, најмалиот бруталистички објект на светот. Станува збор за објект кој припаѓа на бруталистичката постземјотресна архитектура, зградата на месната заедница Тафталиџе и воедно и културен центар, кој што граѓаните го викаат „Домче“. Тоа е една мала куќа која припаѓа на населбата. Куќа изградена за граѓаните.

Дванаесет приказни со наслов „Домче“ се пишувани како дел од долгорочниот уметнички интердисциплинарен проект на Филип Јовановски со наслов „Градот како сцена – Изгубени модернистички утопии“.

Организатор на настанот е „Факултет за работишто не се учат – ФРУ“, Скопје, како дел од 17. „Акто“ – Фестивал за современи уметности. Партнери се Центар за уметност и урбанизам Берлин (ЗК/У), „Фрлачи на сенки“ (Загреб), Архитектонски факултет – Скопје, Факултет за драмски уметности – Скопје.

Проектот е поддржан од Гете Институт Скопје, Министерството за култура на Република Северна Македонија и европскиот проект „ISLOKIN“, кофинансиран од ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот